Информациите за бројот на убиените ги дале локалните медицински службеници од градот Деир ал Балах, каде што се случил нападот.
Се чини дека мета на Израелците биле членови на полициската единица Сахм, која ги растерува крадците и се справува со нечесните трговци кои продаваат украдена стока по огромни цени. Сахм работи во рамки на министерството за внатрешни работи на Газа, кое е контролирано од Хамас, но единицата вклучува и членови на други движења.
Според сведоците, нападот се случил кога толпа се собрала околу полицајците кои ги делеле конфискуваните вреќи со брашно.
Снимка објавена на социјалните мрежи ги прикажува телата на млади мажи расфрлани по улицата и крв по тротоарот и ѕидовите на зградите. Некои тела биле распарчени.
Меѓу жртвите е и едно дете, како и најмалку седум членови на Сахм, објавија претставници на блиската болница Маченици на Ал Акса.
Засега нема коментар од израелската армија.
Ова е уште еден во низата насилни настани поврзани со дистрибуцијата на храна на населението во опустошената Газа. Оваа дистрибуција се одвива хаотично во последниот месец.
Израел ги блокираше сите испораки на храна во Газа пред два и пол месеци, а од средината на мај е дозволено да влезе само дел од претходната помош.
Напорите на Обединетите нации да дистрибуираат храна до жителите на Газа се поткопани од нападите на вооружените банди кои ограбуваат конвои, но и од нападите на израелските сили врз очајните жителите кои се тепаат за малото количество храна што се доставува.