четврток, 10 април 2025

Осумнаесет лица загинаа во рускиот напад врз родниот град на Зеленски, од кои девет се деца (ВИДЕО)

Во рускиот ракетен напад што на 4 април погоди станбена зона во индустрискиот украински град Кривји Рих загинаа најмалку 18 лица, од кои половината беа деца, изјави претседателот Володимир Зеленски.

Фото: Скриншот

Објавено на

часот

Сподели

Нападот врз родниот град на претседателот Зеленски беше еден од најсмртоносните против цивилите оваа година, рече Серхи Лисак, гувернер на регионот Днепропетровск. Лисак истакна дека спасувачката операција во градот сè уште е во тек.

Министерот за внатрешни работи Ихор Клименко изјави дека повеќе од 50 лица се повредени и „тој број расте. Тие продолжуваат да бараат лекарска помош“.

Лисак рече дека во нападот биле оштетени дваесетина згради, повеќе од 30 автомобили, училишта и ресторани.

Нападот уследи по нападот со беспилотно летало во текот на ноќта врз источниот град Харков, во кој загинаа најмалку пет лица, меѓу кои и цело семејство, беа повредени повеќе од 30.

Фотографиите од нападот на Кривиј Рих, објавени од Зеленски на Икс, покажуваат неколку тела на возрасни кои лежат на земја, вклучително и едно покрај детско игралиште. Искршени се стаклата на околните станбени згради.

„Целиот свет го гледа ова. Секоја ракета, секој напад со беспилотно летало докажува дека Русија сака само војна“, напиша Зеленски на Телеграм, истакнувајќи дека е во тек операција за спасување.

„Сите руски ветувања завршуваат со ракети, беспилотни летала, бомби или артилерија. Дипломатијата ништо не им значи“, рече тој во своето видео обраќање во текот на ноќта.

Руското Министерство за одбрана соопшти дека цел на нападот бил состанок на воени претставници во градот и го опиша како „прецизен напад“ чија цел била „состанок на команданти на единици и западни инструктори“ во градски ресторан.

„Како резултат на нападот, загубите на непријателот изнесуваат до 85 војници и офицери на странски држави, како и до 20 возила“, соопшти Министерството.

Киев, сепак, го отфрли тврдењето и предупреди на ширење руски „лаги“.

Ова тврдење не може да се потврди независно.

Градоначалникот на Кривји Рих, Олександр Вилкул, најави дека 7, 8 и 9 април ќе бидат официјални денови на жалост за жртвите од нападот.

„Нападите со балистички проектили и беспилотни летала на станбени области и детски игралишта не се ништо повеќе од масовно убиство“, напиша тој на Телеграм. „Секогаш ќе се сеќаваме на секоја жртва. Тоа е наша заедничка трагедија и болка… Окупаторите нека горат во пеколот. Никогаш нема да простиме“.

Зеленски рече дека Русија нападнала и енергетска централа во Херсон. Украина и Русија се договорија минатиот месец на состаноците со Соединетите држави, кои се обидуваат да посредуваат за прекин на огнот, да не ги напаѓаат едни со други енергетски капацитети.

Американскиот претседател Доналд Трамп го направи завршувањето на војната главен надворешнополитички приоритет откако ја презеде функцијата пред помалку од три месеци. Оваа недела тој ги повтори заканите дека ќе ја санкционира руската нафта доколку рускиот претседател Владимир Путин застане на патот на мирот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ