сабота, 28 март 2026

Осум месеци за разоружување на Хамас и уништување на тунелите во Газа

Хамас ќе мора да се согласи на уништување на својата разгранета мрежа тунели во Газа, додека во етапи, во текот на осум месеци, го положува оружјето во согласност со планот за разоружување кој ѝ го презентираше на групата Одбор за мир американскиот претседател Доналд Трамп.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Планот ја следи временска рамка која започнува со тоа што комитет на палестински технократи, поддржан од Соединетите Американски Држави, ја преземаат безбедносната контрола врз Газа, а завршува со целосно повлекување на израелските сили по „потврдување дека Газа е без оружје“.

Разоружувањето на Хамас е главната пречка во преговорите за спроведување на планот на Трамп за Газа и консолидирање на октомвриското примирје што ја запре двегодишната војна со пол интензитет.

Хамас долго време ги отфрла повиците за предавање на оружјето, за кое се верува дека поголемиот дел е испратен и складиран во тунели под Газа. Израел вели дека нема да се согласи да се повлече од Газа сè додека Хамас прво не биде целосно разоружен.

Палестински функционер близок до преговорите кажа дека планот е „неправеден“ и дека Хамас веројатно ќе бара одредени „модификации и подобрувања“.

Службеникот, кој побарал да остане анонимен поради чувствителноста на преговорите, кажа дека планот не дава гаранција дека Израел ќе ги исполни своите обврски. Тој додаде дека поврзувањето на обновата и подобрувањето на условите за живот со политичките прашања како што е разоружувањето би можело да доведе до обнова на војната.

Целосниот текст на планот, првпат објавен од Ал џезира, го споделиле со Ројтерс двајца палестински функционери вклучени во преговорите. Службеник на Хамас ја потврди неговата автентичност.

Одборот за мир го презентираше планот на Хамас минатата недела.

Хамас за ништо јавно не се огласи, а службено лице од движењето кажа дека групата го проучува. Во четврток, уште три палестински фракции, вклучувајќи го и Исламски џихад, издадоа соопштенија во кои го критикуваа планот, велејќи дека неправедно му дава приоритет на разоружувањето пред прашања како што се реконструкцијата и повлекувањето на Израел.

Планот се состои од две компоненти: документ од 12 точки насловен како „Чекори за завршување на имплементацијата на сеопфатниот мировен план на Трамп за Газа“ и временска рамка од пет фази, во текот на која Хамас ќе предаде оружје во период од осум месеци.

Првата компонента ги повикува сите вооружени фракции во Газа, вклучувајќи ги и групите како Исламски џихад, да учествуваат во процесот на разоружување надгледуван од палестински технократи познати како Национален комитет за управување со Газа (НЦАГ).

„Газа ќе биде управувана од принципот на една влада, еден закон и едно оружје, при што само лица овластени од НЦАГ ќе можат да поседуваат оружје, а сите вооружени фракции ќе престанат со воените активности“, се наведува во документот.

Процесот на разоружување ќе биде „верификуван од Комитетот за верификација на собирањето оружје“, тело што ќе го формира Николај Младенов, главен претставник на Одборот за мир, се додава во документот.

Во него се наведува и дека реконструкцијата ќе биде дозволена само во областите означени како демилитаризирани.

Октомвриското примирје го остави Израел под контрола над повеќе од половина од Газа, додека Хамас ја задржа цврстата контрола врз другата половина од енклавата и нејзините два милиони жители, од кои повеќето останаа бездомници по две години немилосрдно израелско бомбардирање.

Хамас, кој се залага за оружен отпор и вети дека ќе го уништи Израел, јавно ги отфрли повиците за разоружување во последните месеци. Сепак, зад затворени врати, претставници на Хамас изразија подготвеност да разговараат за разоружување, под услов тоа да биде дел од политичкиот процес што води кон воспоставување палестинска држава. Планот од 12 точки не споменува палестинска државност или независност.

Според временската рамка на планот, во првата фаза, која трае 15 дена, НЦАГ би ја презел безбедносната и административната контрола врз Газа и би почнал со подготвителни чекори за собирање на оружјето.

Во втората фаза, од 16-ти до 40-ти ден, Израел би го отстранил целото тешко оружје од областа под негова контрола, вклучувајќи тешка артилерија и тенкови, а би биле распоредени и меѓународни безбедносни сили.

Третата фаза, од 31-ви до 90-тиот ден, би била најинтензивна: Хамас би го предал целото тешко оружје и воена опрема на НЦАГ и „ќе го олесни уништувањето на сите тунели, експлозиви и воена инфраструктура“.

Во четвртата фаза, од 91-ви до 250-тиот ден, полициските сили на НЦАГ би го собрале и регистрирале преостанатото оружје, вклучувајќи пиштоли и пушки. Израелските сили би започнале со постепено повлекување.

Петтата фаза е опишана како „конечна верификација“ на разоружувањето и подразбира „целосно повлекување на израелските сили од Газа, освен присуството во безбедносната зона, како и почеток на сеопфатна обнова“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ