недела, 7 декември 2025

Остар пад на приходите и профитот на рускиот нафтен гигант

Рускиот нафтен гигант „Роснефт“ објави дека неговите приходи се намалиле во периодот од јануари до септември, поради значително пониските цени на нафтата на светските пазари и посилната рубља.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Во периодот од јануари до септември 2025 година, вкупните приходи на „Роснефт“ изнесуваа 6,29 трилиони рубли (81 милијарда долари), што е намалување од 17,8 проценти во однос на истиот период минатата година, според деловниот извештај објавен во петокот.

Остриот пад е резултат на пониските цени на нафтата и силната локална валута, соопшти менаџментот. Во првата половина од годината приходите на „Роснефт“ се намалиле за 17,6 проценти. Добивката пред каматите, оданочувањето, амортизацијата и депрецијацијата (ЕБИТДА) во првите девет месеци од оваа година изнесувала 1,64 трилиони рубли (21 милијарда долари), што е намалување од 29 проценти во однос на истиот период минатата година.

Нето добивката на „Роснефт“, според Меѓународните стандарди за финансиско известување (МСФИ), изнесувала 277 милијарди рубли (3,5 милијарди долари), што е намалување од 70,1 проценти. Заедно со пониските цени на нафтата и силната рубља, високите клучни каматни стапки, исто така, влијаеја врз резултатите, соопшти „Роснефт“.

Централната банка на Русија ги намали клучните каматни стапки во почетокот на јуни за прв пат по повеќе од две и пол години, од 21 процент на 20 проценти, наведувајќи го намалувањето на инфлацијата и приближувањето на економијата кон „балансиран раст“. Тие беа намалени за уште три проценти до почетокот на септември и за уште половина процент на крајот на октомври, на 16,5 проценти.

„Периодот од јануари до септември беше обележан со влошување на макроекономските услови, вклучително и пониските цени на нафтата поради поголемата понуда“, објаснува извршниот директор на Роснефт, Игор Сечин, потсетувајќи дека „меѓународните енергетски агенции повторно ги зголемија своите прогнози за пазарен суфицит во четвртиот квартал од оваа година и во првата половина од 2026 година“.

„Прогнозите беа намалени и покрај побавното темпо на понуда од Организацијата на земјите извознички на нафта“, нагласи Сечин. Тој додаде дека резултатите се послаби и поради даноците и повисоките трошоци за „антитерористички безбедносни мерки“.

Капиталните расходи на компанијата се зголемиле за 6,3 проценти на 1,12 трилиони рубли (14,4 милијарди долари) во периодот јануари-септември, поттикнати од планираните инвестициски програми, првенствено во одделот за истражување и производство на нафта.

Нето-долгот бил повеќе од двојно поголем од ЕБИТДА на крајот на септември, но сепак далеку под прагот утврден со кредитните договори. Слободниот паричен тек изнесуваше 591 милијарда рубли (7,6 милијарди долари), соопшти компанијата во деловниот извештај.

Падот на цената на „црното злато“ на светските пазари влијае и врз другите големи глобални производители. Во третиот квартал, приходите на саудиската државна нафтена компанија Сауди Арамко се намалија за 10 проценти на годишно ниво, а за 13,5 проценти во претходните три месеци.

Норвешки „Еквинор“ забележа скромен раст на вкупните приходи во третиот квартал, за два проценти, но сепак го затвори периодот со нето загуба, со просечна реализирана цена на нафтата од 64,9 долари за барел, што е за 12 проценти пониско отколку во третиот квартал од 2024 година.

Од друга страна, „Роснефт“ е под санкции на САД од крајот на октомври и одлучи да го намали својот удел во цевководот што испорачува нафта од полињата во ирачки Курдистан до турското пристаниште Џејхан под 50 проценти за да ги избегне, според неименуван функционер на Регионалната влада на Курдистан (КРГ) за Ројтерс.

Руската компанија купи 60 проценти удел во „Курдистанската цевководна компанија“ (КОЦ) во 2017 година. „Роснефт“ ѝ продаде 11 проценти удел во КПЦ на инвестициската фирма ДЕКС капитал од Обединетите Арапски Емирати, рекле за Ројтерс два извори запознаени со деталите од трансакцијата.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ