недела, 14 декември 2025

Осомничениот за убиството на Чарли Кирк ќе биде обвинет следната недела, Трамп бара смртна казна

Против Тајлер Робинсон, 22-годишниот маж осомничен за убиството на конзервативниот инфлуенсер Чарли Кирк, формални обвиненија ќе бидат поднесени следната недела, изјави гувернерот на државата Јута.

Фото: Икс

Објавено на

часот

Сподели

Робинсон е осомничен дека го застрелал 31-годишниот Кирк во вратот со снајперска пушка во средата додека држеше говор пред околу 3.000 студенти на Универзитетот Јута вали во Орем, околу 40 милји јужно од Солт Лејк Сити. Гувернерот на Јута, Спенсер Кокс, го нарече убиството политички атентат.

Осомничениот беше уапсен во четврток вечерта откако членови на семејството ги известиле властите дека Робинсон е вмешан во злосторството. Американскиот претседател Доналд Трамп кажа дека се надева оти убиецот на Кирк ќе добие смртна казна. „Кирк беше најдобрата личност и не го заслужуваше ова“, порача тој.

Апсењето заврши со 33-часовна потрага по осомничениот за убиството кое претседателот Доналд Трамп го нарече „грозоморно “.

Кирк, еден од основачите на конзервативното студентско здружение Трнинг поинт УСА и страстен поддржувач на Трамп, беше убиен со еден многу прецизен куршум од „репетирка“ со оптички нишан од покривот на зграда на универзитетскиот кампус.

Кокс откри на прес-конференцијата дека на чаурите биле пронајдени врежани пораки, кои биле најдени и на три неиспукани чаури, на кои пишувало: „Еј фашисту! Фаќај“, „Бела чао“ и „Ако го читаш ова, ти си „геј““.

Пушката, која е многу популарна кај ловците, била пронајдена завиткана во темна крпа недалеку од местото на пукањето, а полицијата оттогаш објави слики од безбедносните камери од „лицето од интерес“.

Кокс изјави во четврток вечерта дека „член на семејството на осомничениот“ контактирал семеен пријател, кој потоа контактирал со властите за да ги информира дека „Робинсон признал или имплицирал дека е вмешан“ во убиството. „Сакам да им се заблагодарам на членовите на семејството на Тајлер Робинсон, кои го направија вистинското нешто и му помогнаа да се предаде“, кажа гувернерот.

Робинсон, кој учел за електричар во државното средно училиште Дикси технички колеџ, беше уапсен во семејниот дом на околу 420 км југозападно од местото на злосторството.

Кирк имаше над пет милиони следбеници на социјалната платформа Икс, а беше и водител на популарната подкаст и радио програма „Шоуто на Чарли Кирк“.

Убиството предизвика бес и осуда како политички мотивираното насилство не само меѓу поддржувачите на Кирк, туку и низ целиот политички спектар во САД. Вознемирувачките снимки од убиството на конзервативниот активист Чарли Кирк, кои ги преплавија социјалните мрежи, ги принудија младите Американци, особено, да се соочат со јавното убиство на истакнат политички лидер не многу постар од нив.

„Без разлика кои се или какви се нивните верувања, никој не треба да умре така и да биде жртва на атентат. Тие имаат право на слобода на говор според Првиот амандман“, кажа Ама Бафур, 20-годишна студентка на Универзитетот Хауард во Вашингтон.

Друг студент на Универзитетот Хауард, 21-годишниот Евандер Томас, кој редовно го гледал Кирк на Тикток иако не се согласувал со неговите ставови, рекол дека дознал за неговата смрт кога еден пријател го испратил видеото во групен разговор. Тој го погледнал во рок од 30 минути од убиството, кажал тој.

„Какви и да се вашите политички убедувања, никој не треба да умре поради нив“, кажал Томас. „Не дека овие луѓе се зли. Чарли Кирк не направил ништо за да го изгуби својот живот“.

Гувернерот Кокс кажа дека убиството на Кирк е „напад врз сите Американци“

Поранешниот американски претседател Џо Бајден веднаш го осуди убиството на конзервативниот инфлуенсер, истакнувајќи дека овој вид насилство „мора веднаш да престане“. „Нема место во нашата земја за овој вид насилство. Мора веднаш да престане. Џил и јас се молиме за семејството и најблиските на Чарли Кирк“, напиша Бајден на социјалната мрежа Икс.

Гувернерот на Калифорнија Гавин Њусом, жесток противник на десничарите како Кирк, го нарече нападот „одвратен, злобен и срамен“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ