Според обвинението на Вишото јавно обвинителство од 16 септември оваа година, Весиќ, Танасковиќ и Димоски беа товарeни за тешко кривично дело против општата безбедност. Милан Спремиќ, Марина Гавриловиќ и Дејан Тодоровиќ беа обвинети за истото дело, но во врска со неправилно и нестручно изведување градежни работи.
Во одлуката се наведува дека советот смета оти нема доволно докази што би го поткрепиле основаниот сомнеж дека обвинетите ги сториле кривичните дела што им се ставаа на товар.
Согласно со одлуката, на Јелена Танасковиќ, Милан Спремиќ, Марина Гавриловиќ и Дејан Тодоровиќ им е укината мерката забрана за напуштање на домот и е наложено нивно итно пуштање на слобода. Од друга страна, Анита Димоски и Горан Весиќ остануваат во куќен притвор врз основа на посебно решение на Вишиот суд во Белград.
Сепак, судот ја потврди обвинителната постапка на Вишото јавно обвинителство во Нови Сад против уште седум обвинети во истиот случај: Небојша Шурлан, Слободан Наумовиќ, Милан Јелкиќ, Љиљана Милиќ Марковиќ, Јасна Стојилковиќ Милиќ, Зорица Славковиќ Марјановиќ и Душан Јанковиќ.
За нив судот утврди дека постојат доволно докази за основано сомнение дека ги сториле кривичните дела што се предмет на обвинението. Судот оцени дека доказите укажуваат оти обвинетите постапувале спротивно на прописите, како и дека имало пропусти во изведбата на работите, одржувањето на објектот и надзорот, што на крај довело до трагичните последици.
Како што се наведува, списите на предметот укажуваат на отстапувања од проектната документација, пропусти во контролата и недоследности во примената на техничките стандарди, што резултирало со нарушување на безбедноста на објектот. Судот заклучи дека овие пропусти се во причинско-последична врска со настанатата штета и дека во оваа фаза од постапката е исполнет стандардот на основано сомнение за потврдување на обвинението.






