Израел од почетокот на оваа деценија не гонел кривично свои граѓани за убиства на палестински цивили на окупираниот Западен Брег, покажува анализата на Гардијан врз основа на правни податоци и јавни записи, создавајќи неказнивост за кампања на насилство.
Нападите го поттикнаа поранешниот премиер Ехуд Олмерт да повика на интервенција на Меѓународниот кривичен суд (МКС), за да „ги спаси Палестинците и нас (Израелците)“ од насилството на доселениците поддржано од државата, спроведувано со соучесништво, а понекогаш и учество на полицијата и војската.
„Одлучив не само да не молчам, туку да го привлечам вниманието на МКС во Хаг за да може да преземе мерки и да издаде налози за апсење“, рекол Олмерт во писмен коментар за Гардијан.
Поранешни израелски безбедносни команданти побараа итна акција за да се запрат „речиси секојдневните“ напади врз Палестинци. Во јавно писмо до актуелниот воен командант на земјата предупредија дека несправувањето со „еврејскиот тероризам“ претставува егзистенцијална закана.
Овој месец израелски доселеници и полиција убија 10 палестински цивили на окупираниот Западен Брег, вклучително и браќа на возраст од пет и седум години и нивните родители, сите застрелани во глава додека семејството се враќало од купување за рамазан.
„Повеќе не зборуваме за шепа хулигани што го кршат законот. Ова е организирана активност, која понекогаш вклучува и луѓе во униформи, кои пукаат во невини луѓе и палат имот и домови на цивили“, се вели во писмото.
Потписници на писмото, кое претходно не било објавено, се двајца поранешни началници на израелската војска – од кои еден беше и министер за одбрана – пет шефа на разузнавачките служби Мосад и Шин Бет и четворица поранешни началници на полицијата.
Во нивниот повик за спроведување на законот, тие минатите воени успеси ѝ ги припишуваат на „моралната сила“ на израелските вооружени сили и велат дека таа е клучна за идните победи. „Без тоа, немаме право да постоиме“, велат тие.
Од 2020 година израелски војници и доселеници убиле најмалку 1.100 палестински цивили на окупираниот Западен Брег, од кои најмалку една четвртина биле деца, покажуваат податоците на Обединетите нации. Никој не е обвинет за ниту една од тие смртни случаи.

Последниот смртоносен напад на израелските безбедносни сили на окупираниот Западен Брег што довел до обвинение бил во 2019 година, покажуваат јавните записи и податоците на правната група Јеш Дин. Последното убиство извршено од израелски цивил што резултирало со обвинение било во 2018 година. Еден израелски суд оваа недела пресуди дека обвинетиот пред 8 години фрлил камен од 2 кг што ја погодил и убил Палестинката Аиша Раби.
Израелските безбедносни сили се одговорни за поголем дел од убиените Палестинци на окупираниот Западен Брег, но насилството од страна на израелски цивили се засили по нападите на Хамас од 7 октомври 2023 година, додека Израел водеше војна во Газа, која една комисија на ОН, организациите за човекови права и истражувачите на геноцид ја оценуваат како геноцид.
Убиствата, палењата, кражбите и други злосторства од страна на израелски доселеници, вклучително и случаи снимени со камера и наводни сексуални напади, речиси целосно останале неказнети.
Меѓу 2020 и 2025 година повеќе од 96 отсто од полициските истраги за насилство на доселеници на окупираниот Западен Брег завршиле без обвинение, соопшти Јеш Дин. Од 368 случаи, само осум, односно 2 отсто, завршиле со целосни или делумни осудителни пресуди.
Олмерт повика на меѓународно гонење на насилните доселеници, кои се „помогнати, поддржани и инспирирани од владините кругови“ додека водат кампања на етничко чистење. Погромите во палестинските села, рече тој, потсетуваат на оние „што некогаш биле насочени против Евреите во Европа“.
„Ако органите за спроведување на законот во Израел не ја исполнат својата должност, можеби меѓународните правни тела ќе го направат она што е потребно за да ги спасат Палестинците и нас од злосторствата што еврејските терористи ги вршат пред нашите очи.“
Популацијата на израелските доселеници на окупираниот Западен Брег со децении постојано расте, вклучително и во времето кога Олмерт и безбедносната елита што сега зборуваат за насилството биле на командни или политички функции.
„Палестинците можеби ќе ја поздрават оваа израелска критика, но не заборавиле дека многу од овие поранешни функционери го овозможиле ширењето на проектот на населување, а со тоа и насилството на доселениците и војската“, вели Амџад Ираки, висок аналитичар за Израел/Палестина во Меѓународната кризна група.
„Таквите израелски критичари често оставаат впечаток дека насилството на доселениците може да се стави под контрола со едноставно соборување на сегашната крајнодесничарска влада. Тоа сигурно би имало ефект, но не признаваат дека населбите се државен проект обликуван и воден низ целиот политички спектар“, додава Ираки.
Многу Израелци исто така настојуваат да направат разлика меѓу нападите на доселениците и употребата на сила од страна на полицијата и војската. Олмерт повика на интервенција на МКС само поради цивилното насилство, иако рече дека имало „премногу“ случаи во кои Израелци во униформи убивале палестински цивили.
Од 2020 до 2024 година, последната година за која има достапни податоци, израелските безбедносни сили имале помала веројатност од доселениците да се соочат со обвиненија за нанесување штета на Палестинци.

Палестинците поднеле 1.746 пријави за штета предизвикана од израелски војници на окупираниот Западен Брег во тој период, вклучително и повеќе од 600 за убиства, наведува Јеш Дин. Помалку од 1 отсто завршиле со обвиненија.
„Израелските системи за спроведување на законот, и цивилни и воени, функционираат помалку како механизми за правда, а повеќе како штитови за сторителите“, рече директорката на Јеш Дин, Зив Штал. „Тие постојано создаваат прекинати истраги и затворени случаи, ставајќи го имунитетот пред владеењето на правото.“
Со години, израелскиот правен систем ги сметал случаите што стигнуваат до суд како клучна одбрана за Израел пред меѓународните судови. Кога еден силен национален правен систем гони злосторства, меѓународните судови имаат помала веројатност да преземат надлежност.
„Системот е програмиран да создава неказнивост, а не одговорност“, вели израелскиот адвокат за човекови права Мајкл Сфард. „Но бил доволно паметен да има и многу ретки случаи на одговорност, кои можеле да се наведуваат како пример дека спроведувањето на законот функционира.“
Во последните години, меѓутоа, судиите и обвинителите се соочија со силен притисок поради лажни обвинувања дека овие случаи се дел од систем наместен против израелските обвинети, и кривичното гонење на насилството врз Палестинци во голема мера престанало.
„Тоа е прескапо (за израелскиот судски систем)“, вели Сфард. „Не плаќаме меѓународна цена за неказнивоста. А плаќаат внатрешна цена за оваа глума на одговорност, која и онака е лага.“
Во февруари двајца поранешни министри за правда од партијата Ликуд на премиерот Бенјамин Нетанјаху потпишаа писмо во кое ја обвинуваат сегашната израелска влада дека дозволува „активно и ужасно етничко чистење“ на Палестинците на окупираниот Западен Брег.
„Крајната правна и морална одговорност за запирање на оваа терористичка кампања лежи кај израелската влада. Таа тоа не го прави“, се вели во писмото, кое исто така претходно не било објавено во меѓународниот печат.
Писмото го потпишале повеќе од 20 истакнати правни личности, меѓу кои Дан Меридор и Меир Шитрит, обајцата поранешни министри за правда од редовите на Ликуд.
„Секој што помага во овие (напади од доселеници), со дело или со пропуст, носи одговорност, вклучително и војниците, а особено командантите во редовниот и резервниот состав. Наредбите да се извршат или да се дозволат овие напади се јасно незаконски.“
Израелскиот воен командант Ејал Замир минатата недела исто така побара акција против насилството на доселениците, повикувајќи ги „сите власти во земјата да дејствуваат против оваа појава и да ја запрат пред да биде предоцна“. Израелската војска има суверенитет над окупираната територија.
Надвор од окупираниот Западен Брег, од 2020 година има само две обвиненија против припадници на израелските безбедносни сили за убиства на палестински цивили.
Еден израелски граничен полицаец што застрелал аутистичен маж во Источен Ерусалим во 2021 година беше ослободен од обвинение за „непромислено убиство“ две години подоцна. Во 2023 година еден поручник беше обвинет за смртта на земјоделецот Хасан Сами Ал-Борно во 2021 година, кој бил убиен со оган од израелски тенк во Газа. Не му е судено.
Израелската полиција не одговорила на барањата за коментар за пропустот да се истражи или да се спречи насилството на доселениците.






