недела, 7 декември 2025

Орбан: Успеавме да се извлечеме од американските санкции

Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави во Вашингтон дека Будимпешта постигнала договор со Соединетите Американски Држави кој, како што тврди, ѝ дал на Унгарија целосно и неограничено изземање од санкциите за користење руски енергетски производи преку Турски тек и нафтоводот Дружба. Според него, ова ја „спасило“ унгарската политика за намалени режиски трошоци.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Орбан се сретна со американскиот претседател Доналд Трамп во американската престолнина, по што одржа заедничка конференција со шефот на унгарската дипломатија Петер Сијарто.

Орбан објасни дека руската енергија е опфатена со два режима на санкции – американскиот и тој на Европската унија.

„Сега успеавме да излеземе од американскиот систем на санкции, а сè уште треба да се бориме со европските санкции“, кажа тој.

Според Орбан, Унгарија повеќе не мора да се плаши дека најавените американски мерки против руските енергенси ќе бидат применети и врз неа.

Сијарто потврди дека и други земји се обиделе да го постигнат истото.

„Не само ние, туку и други земји побараа ослободување. Доколку санкциите стапеа на сила, режиските трошоци силно ќе се зголемеа. По денешниот состанок, Унгарија повеќе не е загрозена од ова“, кажа Орбан.

Еден од клучните елементи на договорот се однесува на гасоводот Турски тек и нафтоводот Дружба, преку кој Унгарија увезува руски гас и нафта.

„Турски тек и Дружба добија ослободување без временско ограничување“, кажа Орбан, оценувајќи дека „успеа да ја одбрани политиката на пониски режиски цени“.

На прашањето што значи овој договор за унгарските домаќинства, премиерот кажа:

„Доколку овој договор не беше постигнат денес, режиските трошоци ќе беа двојно повисоки во декември. Денес се спасивме од таа неволја“.

Орбан кажа и дека САД повеќе немаат никакви забелешки во врска со изградбата на нуклеарната централа Пакс 2.

„Нема понатамошни американски сомнежи во врска со завршувањето на Пакс 2. Ваквите санкции нема да бидат на сила во иднина“, изјави тој.

Според унгарската страна, Вашингтон потврдил дека нема да ги одржува ниту да воведува санкции што би можеле да ја спречат изградбата на електроцентралата.

За разлика од американските, европските санкции остануваат, а Орбан истакна дека претстои „борба во Брисел“.

Тој потсети дека Унгарија се спротивставува на планот на ЕУ за постепено укинување на руските енергетски извори до крајот на 2027 година, нагласувајќи дека ова е одлука која може да се донесе со квалификувано мнозинство.

Претседателот на САД Доналд Трамп коментираше за прашањето за снабдувањето на Европа со руска нафта.

„Во Европа неколку земји немаат проблем каков што има Унгарија, а сепак, според мене, купуваат многу руска нафта. Тоа ме мачи повеќе“, рече Трамп.

Орбан повтори дека за Унгарија прашањето за снабдувањето е „географски факт“, наведувајќи дека алтернативите, како што е увозот од Хрватска, имаат премал капацитет за да ги покријат потребите на земјата.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ