Орбан го изјави ова во пресрет на самитот на Европската Унија и земјите од Западен Балкан во Брисел, одговарајќи на прашањето за неприсуствувањето на Србија на тој состанок, објавија регионалните медиуми.
Тој изјави дека Западен Балкан претставува „економска златна резерва “ за Европската Унија и дека Србија има клучна улога во регионалната стабилност и заштитата на Европа од мигрантските текови.
„Не можеме ништо да направиме без Србија. Она што се случува тука, мислам на третманот и однесувањето кон Србија, е срамно. Тоа е целосно неправедно и неприфатливо“, кажа Орбан.
Унгарскиот премиер истакна дека Србија сочинува повеќе од една третина од вкупното население на Западен Балкан, додека, според него, најмалку половина од економијата на регионот е поврзана со таа земја. Тој додаде дека околу две третини од извозот на Западен Балкан е поврзан со Србија.
„Без Србија е невозможно да се направи нешто на Западен Балкан“, истакна Орбан.
Тој оцени дека за да се најдат решенија за постојните предизвици, Европската Унија „прво треба да ја прифати Србија како членка“, а дури потоа да го продолжи процесот на проширување со другите земји во регионот.
„Ние го правиме токму спротивното. Не е добро. Лошо е, неправедно и срамно. Затоа ние Унгарците мора да ја поддржиме Србија да продолжи напред“, заклучи Орбан.
Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави доцна во вторникот дека Србија нема да присуствува на денешниот самит ЕУ-Западен Балкан во Брисел, наведувајќи дека не сака владата на земјата да трпи притисок, но повтори дека Белград останува посветен на членството во ЕУ.






