Орбан, кој важи за најблизок сојузник на рускиот претседател Владимир Путин меѓу лидерите на Европската Унија и остар критичар на санкциите што ги спроведува Европската Унија против Русија, објави две фотографии со Додик на својата Фејсбук страница, пренесува Ројтерс.
„Милорад Додик, претседателот на Република Српска во Босна, е во Будимпешта. Претседателот Додик беше осуден затоа што не сакаше да игра како што игра Брисел. Унгарија не ја прифаќа оваа одлука“, порача Орбан.
Минатата недела, апелациониот суд во Босна и Херцеговина ја потврди пресудата од февруари, според која Додик беше осуден за непочитување на одлуките на Уставниот суд на Босна и Херцеговина, како и на високиот претставник на Западот.
Додик кажа дека нема да ја почитува одлуката со која му се забранува политичка активност во следните шест години. Според законите на Босна и Херцеговина, затворската казна од една година може да се замени со парична казна.
Сијарто објави на Фејсбук дека „надворешното мешање“ во Западен Балкан е опасно.
„Волјата на луѓето од регионот мора да се почитува – нејзиното оспорување ја загрозува стабилноста и мирот. Денес се сретнав со Милорад Додик за да ја потврдам поддршката на Унгарија“, рече Сијарто.
Орбан, кого Додик претходно го одликуваше со највисокото признание на Република Српска, во понеделник на социјалната мрежа Икс напиша дека Унгарија не ја признава пресудата против Додик.
„Обидите на наметнатите супервизори на ЕУ да го отстранат затоа што се спротивставува на нивната глобалистичка агенда се неприфатливи. Тој е легитимно избран лидер на Република Српска“, напиша Орбан.
Минатата година, унгарската влада се согласи да финансира инфраструктурни и енергетски проекти во вредност од 140 милиони евра во Република Српска, ентитет на Босна и Херцеговина.






