понеделник, 22 декември 2025

Орбан се обидува да најде решение за санкциите на Трамп за руската нафта

Следната недела во Вашингтон унгарскиот премиер Виктор Орбан ќе разговара со американскиот претседател Доналд Трамп за новите санкции на Соединетите Американски Држави врз руската нафта.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Минатата недела САД воведоа санкции врз најголемите руски нафтени компании, Росњефт и Лукоил, кои се и на „црната листа“ на ЕУ.

„Ќе разговараме како да изградиме одржлив систем за економијата на мојата земја, бидејќи Унгарија е многу зависна од руските нафта и гас. Без нив, цените на енергијата значително ќе се зголемат, што ќе предизвика недостиг во нашите залихи“, изјави Орбан за италијанскиот весник Република за време на посетата на Рим.

На прашањето дали Трамп отишол предалеку и направил грешка со тоа што го таргетирал рускиот енергетски сектор, Орбан кажа дека отишол предалеку, додавајќи дека Унгарија ќе најде начин да се извлече од санкциите.

Унгарија најмногу фосилни горива увезува од Русија, и покрај постојаните повици од САД и ЕУ да се стави крај на зависноста од руските извори на енергија.

Министерот за надворешни работи Петер Сијарто изјави дека владата го истражува можното влијание на санкциите, кои, според Трамп, ќе останат на сила сè додека рускиот претседател Владимир Путин не покаже вистинска подготвеност да преговара за прекин на огнот во Украина, објави денес бриселскиот портал Јуроњуз.

„Кога станува збор за американските санкции, со оглед на тоа што нивното стапување во сила е сè уште далеку, тие мерки сè уште не предизвикале никакви загуби или тешкотии во однос на нашиот увоз на енергетски производи од Русија“, кажа Сијарто на прес-конференција во Будимпешта.

Од друга страна, Европската комисија објави дека американските санкции не претставуваат непосредна закана за безбедноста на испораките во Европа, бидејќи од членките на ЕУ се бара да чуваат резерви за 90 дена.

„Одлуката од минатата недела (на САД) очигледно може да има влијание и сакаме да бидеме сигурни дека нашите членови се подготвени, дека имаат план, а ние сме тука да ги поддржиме во тоа“, изјави портпаролката на Комисијата, Ана Каиса Итконен.

Од почетокот на конфликтот во Украина во 2022 година, ЕУ направи неколку обиди да ја намали својата енергетска зависност од Русија, а таа година забрани купување руска нафта од цевководи, а Унгарија и Словачка добија исклучоци.

Амбасадорот на САД во НАТО Макс Витакер, во разговор за Фокс њуз, ја критикуваше Унгарија дека не направила доволно за да ја прекине својата енергетска зависност од Русија.

„Унгарија, за разлика од нејзините соседи, нема планови и не презела активни чекори. Ќе соработуваме со нејзините соседи, како што се Хрватска и други земји што можат да им помогнат… И тој цевковод најверојатно ќе биде затворен во наредните години“, кажа Витакер, мислејќи се на нафтоводот Дружба.

Тој додаде дека Словачка ќе мора да презентира и план за одвојување од руските извори на енергија.

Според Центарот за студии за демократија, Унгарија дополнително ја зголеми својата енергетска зависност од Русија од почетокот на конфликтот во Украина.

Во 2022 година Унгарија покривала 61 процент од своите потреби за сурова нафта со увоз од Русија, а оваа година достигна 92 проценти, додека Словачка е речиси целосно зависна од увозот на руска нафта.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ