вторник, 3 март 2026

Орбан: Нема да попуштиме додека Украина не ја пушти нафтата

Унгарскиот премиер Виктор Орбан ја обвини Украина за уцена и намерно блокирање на испораките на нафта преку нафтоводот Дружба со цел да се меша во унгарската изборна кампања. Во писмо упатено до претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лаен, Орбан побара итна реакција од Брисел и рече дека нема да попушти под притисокот од Киев, а писмото го објави на социјалната мрежа Икс.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Во писмото Орбан тврди дека нема техничка или оперативна причина за прекин на испораките на нафта, што, според него, е потврдено со неодамна објавените сателитски снимки. „Недостигот од волја на Украина за повторно отворање на нафтоводот Дружба произлегува исклучиво од политички причини, со намера да се меша во тековната унгарска изборна кампања“, смета унгарскиот премиер.

Тој додаде дека минатата недела Унгарија и Словачка се обиделе да најдат дипломатско решение. „Меѓу другото, предложивме мисија за утврдување на фактите со учество на експерти од Унгарија и Словачка за да се процени состојбата на нафтоводите во Украина. Сите наши напори беа одбиени“, напиша тој.

Затоа Орбан ја повикува Европската комисија да „поддржи Унгарија во неутрализирањето на енергетското оружје што го користи Украина“. „Очекувам Европската комисија да го зголеми политичкиот притисок врз Украина за да не ја поткопа енергетската безбедност на Унгарија и Словачка“, се наведува во писмото.

Дополнително, тој бара Комисијата да ги спроведе релевантните одредби од Договорот за асоцијација меѓу ЕУ и Украина, наведувајќи дека правните лекови нема да донесат резултати на краток рок. Тој го завршува писмото со јасна порака. „Не можеме да прифатиме странско мешање во нашите демократски процеси и ќе ги отфрлиме сите такви обиди“, напиша тој.

Тој објави и дека Унгарија нема да ги поддржува одлуките на Европската Унија во корист на Украина сè додека ситуацијата не се реши. „Во тој дух, сакам да ве известам дека сè додека Украина не се врати во нормала, не сум во позиција да поддржам никаква одлука во Европската Унија која е во корист на Украина“, заклучува Орбан.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ