четврток, 10 април 2025

Орбан: Не е нормално илјадници да се заглавени во сообраќај, забранувам протести на мостови

Владата на Унгарија планира закон со кој ќе ги спречи демонстрантите да блокираат мостови со цел да ги заштити правата на оние кои не учествуваат на протестите, изјави премиерот Виктор Орбан, пренесува Ројтерс. Мостовите, особено во главниот град Будимпешта, кој е поделен со реката Дунав, станаа централни места на антивладините протести во последниве години, каде што демонстрантите ги изнесуваат своите барања.

Фото: Епа

Објавено на

часот

Сподели

Премиерот Виктор Орбан, кој се соочува со силен предизвик од растечката опозиција пред парламентарните избори во 2026 година, повторно ја критикуваше ЛГБТК заедницата и вети дека ќе го ограничи странското финансирање на независни медиуми и невладини организации во Унгарија.

Пред три дена, илјадници луѓе протестираа на мостот Елизабет во Будимпешта, уште еднаш изразувајќи противење на законот кој има за цел да ја забрани годишната Парада на гордоста на ЛГБТК заедницата. Критичарите сметаат дека овој закон е дел од поширокото сузбивање на демократските слободи пред парламентарните избори во 2026 година.

„Слободата на собирање е важна, но не е нормално илјадници или десетици илјади луѓе да бидат заглавени во сообраќај поради тоа“, рече Орбан во интервју за државното радио.

Орбан, кој е на власт од 2010 година, рече дека новиот закон е потребен за да се спречат блокади на мостови, бидејќи според сегашната судска одлука таквите блокади се законски дозволени.

„Судовите ги применуваат законите донесени од владата. Можеме да направиме една работа, можеме да го промениме законот за да спречиме блокирање на повеќе мостови врз основа на судски одлуки“, изјави Виктор Орбан, кој промовира христијанско-конзервативна политика.

Унгарскиот парламент, во кој доминира партијата Фидес на Орбан, минатиот месец донесе закон со кој се забранува Парадата на гордоста, велејќи дека таа може да биде штетна за децата. Организаторите на фестивалот тврдат дека Парадата не претставува никаква закана за децата и планираат да го одржат настанот и покрај забраната.

Орбан изјави дека тоа што може да се одржат протести како оние од пред три дена покажува дека демократијата во Унгарија не е загрозена, а протестите против забраната на Парадата на гордоста ги нарече провокација.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ