„Не го прифаќаме ова очигледно нелегално решение кое е спротивно на европските вредности“, кажа Орбан во својата неделна радио емисија. „Се обраќаме до Европскиот суд на правдата“.
Во октомври Советот на ЕУ се согласи за постепено укинување на увозот на руска енергија до крајот на 2027 година. Одлуката беше усвоена со квалификувано мнозинство, а единствените земји-членки кои се спротивставија на неа беа Унгарија и Словачка.
Двете земји се сè уште многу зависни од увозот на руски нафта и гас, а нивните лидери претходно во неколку наврати ја попречуваа помошта на ЕУ за Украина и санкциите против Москва. Од друга страна, извозот на енергетски производи е клучен извор на приход за рускиот буџет.
Орбан кажа и дека истражува други, „не правни“ средства за да ја одврати ЕУ од овој потег, но не разјасни за што станува збор.
Унгарија се најде под притисок откако американскиот претседател Доналд Трамп, кој одржува добри односи со Орбан, ги повика европските земји да престанат да увезуваат руска енергија и воведе санкции против големите руски нафтени компании.
Орбан минатата недела отпатува во Вашингтон за да преговара за ослободување од санкциите. Додека Будимпешта тврди дека исходот од преговорите е неограничено ослободување, администрацијата на Трамп наведе дека на Унгарија ѝ е доделено само едногодишно ослободување за купување руска нафта и гас.






