вторник, 17 март 2026

Орбан: Европа со поддршката за Украина се уништува сама себе

Во статија за германскиот весник Велт, Орбан се осврна на четирите години од почетокот на „војната во Европа“, како што ја нарекува.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Концептот на изолација на Русија и постојан притисок врз неа да попушти со нови пакети санкции очигледно не доведе до крај на борбите. Спроведувањето на оваа европска стратегија, која одеше рака под рака со отфрлањето на директните преговори со Русија, продолжи дури и кога Америка, со изборот на претседателот Трамп, се освести и, во духот на „Америка на прво место“, ја заврши својата воена и финансиска поддршка за војната“, пишува Орбан.

„Како резултат на тоа, воената победа за Украина е сè уште многу далеку, а руската економија не е ослабена до тој степен што би морала да ги намали или дури и да ги запре своите воени операции“, наведува тој.

Орбан предупредува дека сегашната енергетска криза предизвикана од војната во Иран би можела да нанесе дополнителен удар врз европската индустрија и да доведе до губење на милиони работни места.

Тој пишува и за новиот бран на антисемитизам во Европа, кој, според него, „донесе неконтролирана масовна миграција од претежно муслиманските земји“. „Во Унгарија, ние следиме поинаков пат и никогаш нема да дозволиме еврејскиот живот да биде загрозен“, порача Орбан.

„Зеленски ја влошува кризата“

Орбан го критикува и украинскиот претседател Володимир Зеленски, тврдејќи дека тој ја влошува кризата со „затворање на најважниот нафтовод за време на конфликтот на Блискиот Исток, од кој, според договорите, се снабдуваат Унгарија и Словачка“.

За Орбан, како што наведува, причините и времето на овој конфликт се јасни. „Гасоводот Дружба престана да работи дваесет и три пати од почетокот на војната. Украинската страна успеа да го рестартира дваесет и два пати. По дваесет и трети пат, само осум недели пред унгарските избори, претседателот Зеленски одлучи да гасоводот да остане затворен“, пишува Орбан.

Орбан додава дека „досега не било дел од европската култура да се поддржува земја чиј претседател му се заканува на демократски избран премиер на земја членка на НАТО и ЕУ и неговото семејство, како што неодамна ми направи Зеленски“.

Фон дер Лаен, Вебер, Мерц и Зеленски

Орбан ја критикува и ЕУ, наведувајќи дека политиката на Унијата кон Украина во моментов ја обликуваат претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лаен, претседателот на Европската народна партија Манфред Вебер, и германскиот канцелар Фридрих Мерц, во согласност со претседателот Зеленски.

„Во Европа, ова возило на четири тркала во моментов носи одлуки во врска со Украина. Поради нив, се чини невозможно конструктивно да се коригира сегашната стратегија на Брисел, а ние дури и не можеме да го запреме финансирањето на војната во Украина“, пишува Орбан.

Орбан оценува дека Зеленски се чувствува безбедно поради ова, постојано поставува нови барања и зазема арогантен став кон европските лидери. „Затоа немаме решение за европската енергетска криза. Америка веќе води разговори со Русија и повторно ѝ дозволи на Индија да увезува руска нафта. Брисел, од друга страна, не сака ништо да има со суспендирањето на санкциите против руските енергетски извори. Но, без евтина руска нафта и гас, нема да можеме да ја надминеме оваа криза“, пишува Орбан.

„Четири години европските граѓани ја трпат оваа ситуација. Тие трпат растечки трошоци за енергија, постојано растечки цени на бензинот и дизелот и фактот дека некогаш моќната европска индустрија се уништува на олтарот на војна што не може да се добие. Зошто Брисел верува дека трпението на европските граѓани е неограничено?“, заклучува Орбан.

„Пропутински коментар“

Објавувањето на текстот на Орбан предизвика критики во некои германски медиуми. Списанието Шпигел пишува дека Велт објавил „пропутински гостувачки коментар “ полн со антиукраински чувства.

Иако медиумите претходно ги објавија текстовите на странските лидери, објавувањето на коментарот на Орбан се сметаше за контроверзно бидејќи се појавува во средината на „жестока изборна кампања против проевропскиот кандидат Петер Маѓар, неколку недели пред изборите“.

Најважните избори од демократската транзиција

Унгарските избори го привлекуваат вниманието и на другите германски медиуми. Демонстрациите одржани во Будимпешта во недела (15 март) се сметаат за финале на изборната кампања.

Франкфуртер алгемајне цајтунг (ФАЦ) пишува дека изборите на 12 април би можеле да одлучат дали Унгарија останува демократија. На демонстрациите на опозициските лидери имаше „повеќе од 100.000 поддржувачи“, додека „скоро 100.000 поддржувачи“ се собраа на митинзите на премиерот Виктор Орбан.

Орбан, според ФАЦ, се обидува да го прикаже својот противник како марионета на „Брисел“, што значи ЕУ и Украина.

Игра на нерви

Според Берлинер цајтунг, Украина повторно беше камен на сопнување во рамките на ЕУ за време на дискусијата за продолжување на санкциите против Русија, каде што едно од клучните прашања беше нафтоводот Дружба.

Орбан и словачкиот премиер Роберт Фицо „го обвинуваат Зеленски дека одбива да го поправи нафтоводот од политички причини, со што намерно го нарушува снабдувањето со нафта на Унгарија и Словачка“.

„И двајцата инсистираат дека нафтоводот е функционален. Зеленски возвраќа дека инфраструктурата била сериозно оштетена од нападот со руски беспилотни летала на 27 јануари и дека поправките би можеле да траат до месец и половина поради опасната ситуација на локацијата“, пишува берлинскиот весник.

Будимпешта и Братислава, потсетува весникот, го блокираат заемот од 90 милијарди евра за Украина во знак на протест, иако шефовите на држави и влади на ЕУ веќе постигнаа договор во декември.

„Фицо посочи дека ќе го задржи правото на вето дури и ако партијата на Орбан ги изгуби унгарските избори на 12 април“, заклучува Берлинер цајтунг, додавајќи дека политиката на санкции на Европа останува „ игра на нерви која постојано се повторува“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ