„Не е само тоа што направивме лош договор, бидејќи сета европска стока што се извезува во САД ќе има царина од 15 отсто, додека нема да има царина за американската стока што доаѓа во Европа, туку се согласивме и на услови што очигледно не можеме да ги исполниме. Ова значи дека не сме ги решиле царинските спорови. Само што ја изгубивме првата битка, а ќе има уште битки“, изјави Обран за радио Кошут, објави агенцијата МТИ.
Орбан кажа дека друг фактор зад договорот е тоа што ЕУ ќе мора да плати за оружјето што САД ѝ го испраќаат на Украина.
„Никој не ме праша за ова. Немаше европска одлука во која се декларира дека го сакаме ова. Ако сакаме да постигнеме договор со Американците за Украина, тоа не треба да се прави како тајна клаузула во договор за царини, туку одделно. Треба да се стави на маса одделно и да се преговара одделно“, кажа унгарскиот премиер.
Тој, исто така, во интервјуто кажа дека унгарската влада планира да изготви акциски планови за заштита на работните места и производството во земјата по трговскиот договор.
Орбан, исто така, кажа дека унгарскиот извоз во Соединетите Држави вреди приближно 11 милијарди долари годишно и дека е важно компаниите што извезуваат во земјата да не отпуштаат луѓе или да затвораат производствени погони.
Унгарската влада претходно го критикуваше договорот за царини меѓу Европската Унија и Соединетите Држави, велејќи дека е „штетен за европските интереси, вклучително и на Унгарија“.
Европската Унија, по договорот постигнат во Шкотска меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лаен, ќе мора да нарача гориво, гас и нафта во вредност од 750 милијарди евра од САД во следните три години и да инвестира 600 милијарди во американската економија, а воедно да се задоволи и со тоа што Американците ќе ѝ наметнат царини од 15 проценти, што значи дека сите стоки што ги извезува преку Атлантикот ќе бидат барем толку поскапи.






