петок, 12 декември 2025

Орбан: Брисел денес го преоѓа Рубикон

Унгарија го критикуваше денешното гласање во Брисел за замрзнатите руски средства, тврдејќи дека тоа ги прекршува основните европски договори и принципот на едногласност. Од Будимпешта порачуваат дека со оваа одлука се означува крајот на владеењето на правото во Европската унија и најавуваат борба за враќање на правниот поредок.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Унгарскиот премиер Виктор Орбан објави на социјалната мрежа Икс: „Денеска Брисел го минува Рубикон. Напладне ќе се одржи писмено гласање кое ќе и нанесе непоправлива штета на Европската унија“, почна тој.

Тој додаде дека до сега за замрзнатите руски средства се одлучувало едногласно на секои шест месеци. „Преку денешната процедура, Брисел со еден потег на пенкалото го укинува барањето за едногласност, што е очигледно незаконско. Денешната одлука става крај на владеењето на правото во Европската унија, а европските лидери се ставаат над правилата“, кажа Орбан.

„Наместо да го штити почитувањето на европските договори, Европската комисија систематски го прекршува европското право“.

Земјите-членки на ЕУ постигнаа договор за неопределено замрзнување на рускиот државен имот, со што беше отстранета клучната пречка за одобрување на „заем за репарација“ на Украина во износ од 210 милијарди евра. Ваквата одлука на европските пратеници е донесена само еден ден откако белгискиот премиер Барт Де Вевер јавно изрази сомнеж во законитоста на предлогот на Европската комисија за трајно замрзнување на средствата на Москва.

Комисијата се повика на таканаречениот „член 122“ од европскиот договор, што е од клучно значење за да се избегне враќање на имотот на Русија во случај на укинување на санкциите против Кремљ. Без оваа мерка Белгија, на пример, би можела да биде принудена да и врати на Москва стотици милијарди евра доколку се реализира заемот.

Досега санкциите за рускиот имот мораа да се продолжуваат со едногласна одлука на сите членови на секои шест месеци. Унгарскиот премиер Виктор Орбан, познат по своите проруски ставови, постојано се закануваше со блокада, иако на крајот секогаш попушташе.

Дипломат на ЕУ потврди дека огромно мнозинство од земјите-членки ја поддржале новата одлука. Други извори наведуваат дека Унгарија и Словачка најверојатно ќе гласаат против предлогот на денешната формална одлука, додека Белгија се очекува да биде воздржана.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ