понеделник, 9 февруари 2026

Опседнатоста со економски раст ја уништува природата, предупредуваат 150 држави

Околу една осмина од приближно осум милиони растителни и животински видови во светот се соочуваат со ризик од исчезнување, а 75 отсто од копнената површина на Земјата веќе се значително изменети од човековото дејствување.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Повеќе од 150 држави, меѓу кои Кина, Индија и земјите членки на Европската Унија, потпишаа извештај во кој се предупредува дека фокусот на неконтролиран економски раст сериозно придонесува за уништување на глобалната биолошка разновидност.

Во извештајот, подготвен од Меѓувладината научно-политичка платформа за биолошка разновидност и екосистемски услуги (ИПБЕС), се наведува дека неодржливата економска активност и мерењето на успехот преку бруто-домашниот производ се клучни фактори за опаѓањето на биодиверзитетот и пречка за суштински промени.

Документот е резултат на тригодишна работа и беше одобрен на самитот на ИПБЕС во Манчестер. Според проценките, околу една осмина од приближно осум милиони растителни и животински видови во светот се соочуваат со ризик од исчезнување, а 75 отсто од копнената површина на Земјата веќе се значително изменети од човековото дејствување.

Извештајот предупредува дека, доколку сегашниот тренд продолжи, ќе биде загрозен и идниот просперитет, бидејќи пазарите не ја вреднуваат соодветно природата и нејзините услуги, како што се прочистување на загадувањето, климатска регулација и опрашување.

Авторите остро ги критикуваат „изопачените и недоволни“ деловни поттикнувања, слабата институционална рамка и моделите што водат кон сè поголема материјална потрошувачка. Иако се наведуваат чекори што бизнисите можат да ги преземат, се нагласува дека без силни политики, регулативи и правна рамка, загубата на биодиверзитет не може да се запре.

Извештајот се објавува во момент кога Европската Унија турка дерегулаторна агенда за зајакнување на конкурентноста, вклучително и олеснување на еколошките стандарди. Соединетите Американски Држави не се меѓу потписниците, откако најавија повлекување од ИПБЕС и други меѓународни тела што ги сметаат за неефикасни.

Меѓу другите земји потписници на извештајот освен Кина, Индија и ЕУ, се и Бразил, Јапонија, Јужна Африка, Мексико, Аргентина, Индонезија, Норвешка, Швајцарија…

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ