„Масовното раселување на семејствата од Газа претставува смртоносна закана за најранливите“, кажа Тес Инграм, портпаролка на УНИЦЕФ во хуманитарната зона Ал Маваси во јужна Газа.
Во разговор со новинарите на телевизискиот брифинг на Обединетите нации во Женева, Инграм предупреди за влошување на стапките на потхранетост кај децата. „Проценуваме дека моментално 26.000 деца во Појасот Газа имаат потреба од третман за акутна потхранетост, вклучувајќи повеќе од 10.000 само во градот Газа“, кажа таа.
Таа објасни дека во август, повеќе од едно од осум деца прегледани во Појасот Газа имале акутна потхранетост, „највисокото ниво досега забележано“.
Во градот Газа, тој сооднос бил едно од пет деца, објавува Тајмс оф Израел.
Центрите за храна во Газа „беа принудени да се затворат оваа недела поради наредбите за евакуација и воената ескалација“, додаде Инграм.
Израел ги оспорува тврдењата за глад во Појасот Газа, а израелските вооружени сили велат дека оние што се евакуираат на југ кон областа Ал Маваси ќе најдат храна, шатори и лекови таму.
Израел продолжува да ги повикува цивилите од градот Газа да се евакуираат во безбедна зона, проценувајќи дека околу 40 отсто од милион жители досега ја напуштиле. Сепак, претставници на Обединетите нации проценуваат дека бројот е околу 150.000.






