Топењето на глечерите и намалувањето на снегот во планинските подрачја негативно ќе влијаат на наводнувањето на земјоделските површини во светот, се наведува во извештајот на Унеско.
Повеќе од милијарда луѓе живеат во планински подрачја, а речиси половина од нив веќе се соочуваат со проблеми во снабдувањето со храна. Таа ситуација веројатно ќе се влоши бидејќи производството на храна во тие подрачја зависи од водата во планините, топењето на снегот и глечерите, се наведува во извештајот за развојот на водите за 2025 година.
Развиените земји се исто така во опасност. Во Соединетите Американски Држави сливот на реката Колорадо се соочува со суша од 2000 година, а високите температури значат дека повеќето врнежи се дожд. Дождот побрзо истекува од планинскиот снег, а тоа ги влошува сушните услови.
Одри Азилеј, главната директорка на Унеско, изјави: „Без оглед каде живееме, сите на некој начин зависиме од планините и глечерите. Но, планините и глечерите се соочуваат со опасност“.
Според посебно истражување на Светската метеоролошка организација, брзината на промените во глечерите е најлошата некогаш забележана. Најголеми загуби на глечери во последните три години се забележани во Норвешка, Шведска, Свалбард и тропските Анди.
Во источна Африка исчезнале 80 отсто од глечерите, а во Андите од 1998 година се стопени меѓу третина и половина од глечерите. Глечерите на Алпите и Пиринеите, кои се најмногу погодени во Европа, се намалиле за околу 40 отсто.
Губењето на глечерите има и дополнителни последици, истакнува директорот на водени науки на Унеско Абу Амаби. „Стопените глечери влијаат на рефлексијата на соларната радијација и тоа ќе има влијание на целиот климатски систем“, предупредува тој.
Тоа ќе доведе и до поголем број лавини, бидејќи дождот кој паѓа на снегот е главниот фактор во создавањето лавини. Собраната вода која доаѓа од стопените глечери може да предизвика и ненадејни поплави.
Според претходна студија објавена минатиот месец во научниот магазин Нејчр, половина од глобалната глечерска маса ќе исчезне до крајот на векот ако не се сопре глобалното загревање.
Геофизичарот за глечери Алекс Бризбурн вели: „Планинските глечери содржат некои од најголемите светски резервоари на слатка вода. Стопената вода која се ослободува во лето снабдува со вода милијарда луѓе и поддржува големо количество од индустријата и земјоделството.
Претседателот на Меѓународниот фонд за земјоделски развој (ИФАД) Алваро Ларио изрази поддршка на луѓето кои живеат во планинските подрачја. „Водата тече надолу, но несигурноста во снабдувањето со храната оди нагоре. Планините даваат 60 отсто од нашата слатка вода, но заедниците кои ги штитат овие владини ресурси се најпогодени од несигурноста во снабдувањето со храна“, кажа тој.
„Мораме да инвестираме во нивната отпорност за да ги заштитиме глечерите, реките и заедничката иднина за сите нас“.