Итниот состанок го побарал Иран поради нападот врз училиштето Шаџарех Тајебех, во кој, според Техеран, биле убиени 175 деца и наставници на првиот ден од американско-израелските напади.
Според претходни информации, американските истражители сметаат дека нападот најверојатно го извршиле американски сили, но истрагата сè уште не е завршена и нема конечни заклучоци. И Израел соопшти дека го истражува случајот.
Високиот комесар Фолкер Турк го повика Вашингтон да ја заврши истрагата и да ги објави резултатите. „Толку големо страдање заслужува правда“, изјави тој.
Израелските дипломати во Женева возвратија со критики кон Иран, обвинувајќи го за напади врз цивили низ регионот. Тие оценија дека свикувањето итна седница од страна на држава што крши човекови права претставува злоупотреба на Советот.
Американските претставници не учествуваат на седниците на Советот, кој го обвинуваат за пристрасност против Израел.






