петок, 19 декември 2025

ОН: Најмалку 21.000 палестински деца имаат попреченост од почетокот на војната во Газа

Комитетот на ОН за правата на лицата со попреченост (ЦРПД) денеска објави дека најмалку 21.000 деца во Појасот Газа имаат некаков вид на попреченост како резултат на речиси двегодишната војна меѓу Израел и Хамас. „Околу 45.500 деца претрпеле повреди предизвикани од војната“, додаде комитетот на експерти на ОН кој се состанува двапати годишно во Женева.

Фото: Епа

Објавено на

часот

Сподели

ЦРПД истакнува дека Израел мора да примени посебни мерки за заштита на децата со попреченост од напади и да спроведе протоколи за евакуација кои ги земаат предвид лицата со попреченост. Во спротивно, ЦРПД смета дека израелските повици за евакуација во Газа „честопати не допираат“ до луѓето кои страдаат од оштетен слух или вид, што ја прави евакуацијата невозможна.

Експертите укажуваат на уште еден проблем поврзан со евакуацијата, а тоа е дека лицата со попреченост се „принудени да бегаат во опасни и недостоинствени услови, како што се лазење по песок или кал без помагала за движење“.

Луѓето со попреченост, посочува ЦРПД, исто така страдаат несразмерно од недостиг на храна, вода за пиење и санитарни услови и зависат од другите за да преживеат. Комитетот соопшти дека е информиран дека најмалку 157.114 лица биле повредени помеѓу почетокот на војната на 7 октомври 2023 година и 21 август 2025 година, од кои повеќе од 25 проценти би можеле да имаат доживотна попреченост.

На 7 октомври Хамас ги нападна руралните заедници и учесниците на музички фестивал во јужен Израел. На 13 октомври, Израел започна копнени операции во Газа, а на 21 октомври започна целосна операција за заземање на палестинската енклава.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ