недела, 7 декември 2025

ОН: Милиони луѓе принудени да бегаат поради климатските промени

Последиците од климатските промени веќе принудија милиони луѓе низ светот да ги напуштат своите домови, според податоците објавени од Агенцијата за бегалци на ОН (УНХЦР) пред 30-тата годишна Конференција на ОН за климатските промени, која почнува денес во Бразил.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Во текот на изминатата деценија, катастрофите поврзани со временските услови предизвикаа внатрешно раселување на 250 милиони луѓе, или повеќе од 67.000 раселени лица дневно“, се вели во извештајот на агенцијата. Организацијата зборува за маѓепсан круг на конфликти и климатски кризи.

Три четвртини од луѓето раселени поради конфликт живеат во земји што се особено ранливи на ефектите од климатските промени. УНХЦР, меѓу другото, ги наведува поплавите во Јужен Судан и Бразил, рекордната топлина во Кенија и Пакистан и недостигот од вода во Чад и Етиопија.

„Климатските промени ги влошуваат и ги множат предизвиците со кои се соочуваат веќе раселените, како и земјите домаќини, особено во кревките средини и оние погодени од конфликт“, се вели во извештајот. Само една четвртина од достапните средства за приспособување кон последиците од климатските промени стигнаа до земјите погодени од конфликт, кои честопати самите биле домаќини на многу бегалци, додаде УНХЦР.

Годишниот самит на ОН за климата, познат како КОП30, често се користи како сцена за посиромашните земји да побараат поголемо финансирање од попросперитетни земји за да се приспособат на сè понепријателските климатски услови.

„Ако сакаме стабилност, мора да инвестираме таму каде што луѓето се најмногу изложени на ризик“, рече шефот на УНХЦР, Филипо Гранди. „За да се спречи понатамошно раселување, финансирањето за климата мора да стигне до заедниците што веќе живеат на маргините“, рече тој.

Гранди, исто така, ги повика учесниците на конференцијата за климата да ги одржат своите ветувања: „Овој КОП мора да резултира со вистински акции, а не со празни ветувања“, рече тој. Околу 50.000 учесници од повеќе од 190 земји се среќаваат во бразилскиот град Белем, во амазонската дождовна шума, на двонеделни разговори за климатската криза и нејзините катастрофални последици.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ