понеделник, 16 март 2026

ОН: Израелскиот воздушен напад на затвор во Иран е воено злосторство

Воздушниот напад на Израел врз затвор во Техеран минатата година е воено злосторство, изјави денес шефицата на истрагата на Обединетите нации и предупреди на ризикот од понатамошна репресија поради сегашното американско-израелско бомбардирање на Иран. Во нападот врз затворот Евин во јуни минатата година беа убиени повеќе од 70 лица, според иранските власти, а зградата повторно е оштетена во неодамнешните напади, предизвикувајќи страв кај затворениците, вклучувајќи и една британска двојка, пишува Ројтерс.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Утврдивме дека постојат разумни основи да се верува дека Израел извршил воено злосторство со намерно напаѓање на цивилен објект кога извршил воздушни напади врз затворот Евин“, изјави Сара Хосеин, претседателка на Независната меѓународна мисија за утврдување факти за Иран, пред Советот за човекови права на ОН.

Според неа, убиени се 80 лица, вклучувајќи едно дете и осум жени. Извештајот, презентиран на Советот во понеделник, се базира на интервјуа со жртви и сведоци, сателитски снимки и други документи.

Израел се повлече од Советот, кој документира злоупотреби и спроведува истраги, оставајќи го своето место празно. Од кабинетот на премиерот, Министерството за надворешни работи и војската нема одговор на барањата за коментар, пишува Ројтерс.

Хосеин го осуди зголемениот број на цивилни жртви во Иран и изрази загриженост дека тековната кампања за бомбардирање може да ги натера иранските власти да преземат уште поголеми мерки против дисидентите, посочувајќи на зголемување на егзекуциите од минатогодишните напади.

„Главната лекција од нашите истраги во овој контекст е јасна: надворешната воена акција не обезбедува одговорност ниту носи значајни промени. Наместо тоа, постои ризик дека ќе ја интензивира внатрешната репресија“, кажа таа.

Загриженост за затворениците, вклучително и оние уапсени за време на масовните протести во јануари изрази и Маи Сато, експертка за човекови права за Иран назначена од ОН.

Таа нагласи дека семејствата не можат да стапат во контакт со своите роднини и дека има недостиг од храна и лекови во затворите. Од друга страна, иранскиот амбасадор Али Бахреини повика на осуда на американско-израелските напади, за кои, според него, загинале повеќе од 1.300 луѓе во Иран.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ