Извештајот на ОН детално опишува како израелските власти сеопфатно и систематски ја уништувале цивилната инфраструктура во коридорите и тампон-зоната на Газа, што резултирало со ширење на контролата на Израел на 75 отсто од Појасот Газа до јули оваа година. „Израелските сили, исто така, намерно ја измениле географијата на Газа со создавање воени коридори, проширување на граничната тампон-зона и воспоставување безбедносни зони“, се наведува во извештајот на Независната комисија на ОН за истрага на окупираната палестинска територија.
Израел и понатаму тврди дека не води војна против народот на Газа, туку против милитантната група Хамас, чии борци упаднаа во Израел на 7 октомври 2023 година, а израелската мисија во Женева ги отфрли наодите од извештајот. „Хамас има геноцидни намери кон Израел, извештајот погрешно претставува сè. Комисијата не ја пропушта можноста да го открие својот вистински карактер и политички мотивирана агенда“, соопштија тие.
Комисијата откри и дека од октомври 2023 година израелските политики покажале јасна намера за насилно преселување на Палестинците, проширување на еврејските населби и анектирање на целиот Западен Брег. „Сè почестите насилни напади од страна на доселениците резултираа со присилно раселување на заедниците и последователна евреизација на Западниот Брег“, се наведува во извештајот.
Комисијата ги истакнува воените операции во бегалските кампови Џенина, Тулкарем и Нур Шамс, што резултирало со уништување на домовите и инфраструктурата и раселување на жителите, што Комисијата го смета за воено неоправдано и еквивалентно на колективно казнување.
Израелскиот министер за одбрана Израел Кац претходно изјави дека операцијата значително ја намалила заканата од палестинските вооружени групи. Израел од 7 октомври 2023 уби повеќе од 65.000 луѓе во Газа, додека глобалната агенција за следење на гладот вели дека делови од енклавата гладуваат.






