Убиени се пет новинари од телевизијата Ал џезира, како и еден новинар-хонорарец, кој повремено соработувал со локалните медиуми и бил во истиот шатор кој бил гаѓан од израелската војска.
Високиот комесаријат на ОН го обвини Израел за „таргетирање на шаторот“ каде што престојувале вработените во телевизијата Ал џезира, што, според него, претставува „сериозно кршење на меѓународното хуманитарно право“.
Ал џезира објави дека петмина од нивните новинари биле убиени во израелски напад врз Појасот Газа, вклучувајќи го и добро познатиот новинар Анас ал Шариф, за кого израелската војска призна дека го таргетирала бидејќи наводно бил терорист.
Телевизиската станица со седиште во Катар соопшти дека се чини дека станува збор за целен израелски напад врз шаторот што го користат нејзините новинари во градот Газа, пред болницата Ал шифа.
„Израел треба да ги почитува и заштитува сите цивили, вклучително и новинарите“, се додава во соопштението на Високиот комесаријат, во кое се потсетува дека најмалку 242 палестински новинари се убиени во Газа од 7 октомври 2023 година, а ОН го повтори барањето за „итен пристап до Газа без пречки за сите новинари“. Еден од загинатите, Анас ал Шариф (28), беше најпознатата личност меѓу дописниците кои секојдневно известуваа за израелската војна против Палестинците.
Организацијата за заштита на медиумите Репортери без граници (РСФ) го осуди „силно и со гнев убиството на новинарот Анас ал Шариф“, за кое додаде дека „одговорноста ја презеде“ израелската војска, оценувајќи дека тој е гласот на страдањето што Израел им го наметна на Палестинците во Газа.






