Аџит Сунгеј, шеф на Канцеларијата на ОН за човекови права на палестинските територии, процени дека се повредени 47 лица. Тој додаде дека повеќето се повредени од куршуми, а станува збор за „истрели од израелската армија“.
Илјадници Палестинци се собраа вчера во центарот управуван од Хуманитарната фондација Газа (ГХФ) поддржана од САД, објавија новинарите на Франс прес, додека Израел воспоставува нов дистрибутивен систем.
Хаотичните сцени во Рафа, во јужниот дел на Појасот Газа, се случија неколку дена по делумното олеснување на целосната блокада на хуманитарна помош за палестинската територија, воведена од Израел на 2 март, што доведе до сериозен недостиг на храна и лекови.
Сунгеј додаде дека неговата канцеларија сè уште собира информации за хаосот од претходниот ден. „Бројот може да се зголеми. Се обидуваме да потврдиме што им се случило“, вклучително и сериозноста на нивните повреди, додаде тој.
Израелската војска соопшти дека нејзината „армија испукала предупредувачки истрели во областа надвор од комплексот во вторникот“ и дека „повторно воспоставила контрола врз ситуацијата“.
Обединетите нации и меѓународните хуманитарни агенции рекоа дека нема да соработуваат со ГХФ, која беше цел на обвинувања дека работи со Израел без никакво палестинско учество и ги заобиколува ОН.
„Изразивме голема загриженост за овој механизам“, нагласи Сунгеј. „Она што го видовме вчера е многу јасен пример за опасностите од дистрибуција на храна под условите што ги спроведува Хуманитарниот фонд за Газа.“