недела, 25 мај 2025

Околу 80 студенти се уапсени на пропалестински протест во САД, неколку повредени (ВИДЕО)

Полицијата, на барање на службеници на Универзитетот Колумбија, вчера уапси десетици студенти кои окупираа дел од главната библиотека на универзитетот во еден од најголемите пропалестински протести на кампусот од минатогодишниот бран протести против израелската војна во Газа.

Илустрација: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Видеата и фотографиите на социјалните мрежи покажуваат демонстранти, повеќето со маски, како стојат на маси, удираат во тапани и држат транспаренти на кои пишува „За Газа“. Ен-би-си њуз објави дека се уапсени најмалку 78 студенти.

Американскиот претседател Доналд Трамп остро ја критикуваше Колумбија за пропалестинските протести на кампусот минатата година, велејќи дека тие биле антисемитски и дека Колумбија не успеала да ги заштити еврејските студенти.

Студентите демонстранти, вклучувајќи и некои еврејски организатори, тврдат дека Трамп и неговите колеги, конзервативни политичари кои се силно произраелски настроени, неправедно ги изедначуваат пропалестинските протести со антисемитизам.

Управниот одбор на Универзитетот Колумбија преговара со администрацијата на Трамп, која во март објави дека ја откажува поддршката на универзитетот со големи парични средства за научни истражувања.

Универзитетот соопшти дека работел на борба против антисемитизмот и другите предрасуди на својот кампус, истовремено бранејќи се од обвинувањата од групите за граѓански права дека со попуштање ѝ дозволува на владата да се меша во академската слобода.

Универзитетот Колумбија синоќа објави дека побарал помош од полицијата на Њујорк „за обезбедување на зградата“ и дека двајца нивни службеници за јавна безбедност се повредени во конфронтацијата.

Портпаролот на полицијата во Њујорк потврди „повеќе апсења“ на демонстранти кои ја окупираа библиотеката, но не даде точен број. „Секој има право на мирен протест. Но, насилство, вандализам или уништување на имотот се целосно неприфатливи“, објави гувернерката на Њујорк, Кети Хочул, на социјалните мрежи.

Пред полицијата да пристигне на местото на настанот, припадници на универзитетското обезбедување биле видени како ја заклучуваат влезната врата на библиотеката, спречувајќи ги студентите да влезат во зградата и предизвикувајќи кратко туркање и буткање надвор. Се чини дека еден студент при тоа е повреден. Едно лице беше изнесено од зградата на носилка.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ