Кога стоката влегува во Соединетите Американски Држави, увозникот плаќа проценета сума на давачки, која конечно се утврдува приближно 314 дена подоцна во процес познат како конечно порамнување или спогодба. Судијата Итон ѝ наложи на Царинската и граничната заштита (ЦБП) да спроведе конечно порамнување за спорните пратки без да ги процени давачките, што ќе резултира со враќање на преплатените износи.
„Царината знае како да го направи тоа“, кажа судијата на рочиштето во средата, според снимка објавена на веб-страницата на судот. Тој додаде дека агенцијата треба да може да го програмира својот систем за да издава поврат на средства, што редовно се прави кога увозникот ја преплаќа проценетата давачка. „Тие го прават тоа секој ден. Тие го пресметуваат увозот и ги враќаат парите“, истакна тој.
Итон закажа и рочиште за утре за да побара нови информации за плановите на ЦБП за враќање на парите. Во својата наредба, тој наведе дека главниот судија на судот утврдил дека тој ќе биде единствениот судија кој ќе претседава со случаи поврзани со враќањето на овие давачки.
Царинската и граничната заштита во судските поднесоци наведоа дека задачата за конечно пресметување на увозот без царинска проценка е „без преседан“ во својот обем и дека може да бара рачен преглед на повеќе од 70 милиони поединечни увози. Во други поднесоци, агенцијата побара до четири месеци за да ги процени своите можности за исплати на поврат.
„Јазикот што се користи во оваа наредба силно сугерира сеопфатен пристап според кој увозниците едноставно имаат право на поврат според Законот за меѓународни економски овластувања во вонредни ситуации (ИЕЕПА)“, кажа Рајан Маџерус, поранешен висок трговски службеник, а сега партнер во Кинг енд Сполдинг.
„Владата може да го оспори обемот на наредбата или, барем, да побара повеќе време за да може Царината на САД да преземе она што несомнено ќе биде огромна задача“.
Владата на САД наплати повеќе од 130 милијарди долари нелегални царини, кои беа клучен дел од трговската политика на Доналд Трамп. Врховниот суд не даде упатства за издавање поврат на средства, што создаде неизвесност за тоа како ќе бидат компензирани увозниците.
Налогот на Итон доаѓа во случај поднесен од компанијата Атмус филтрејшн, која платила околу 11 милиони долари нелегални царини, според судските документи. Адвокатите на Атмус не одговориле на барањето за коментар. Нивната тужба е една од приближно 2.000 поднесени во Трговскиот суд со кои се бара враќање на царините наметнати според ИЕЕПА.
Судијата Итон кажа дека не сака да го сослуша секој поединечен случај. „Сакаме да изработиме метод со кој овие увозници можат да аплицираат за поврат на нелегално собраните царински давачки“. Давачки платиле повеќе од 300.000 увозници, од кои огромното мнозинство се мали бизниси.
Тие се надеваат дека царинските органи ќе усвојат едноставен и евтин систем за плаќање на такси. Многумина изјавија за Ројтерс дека можеби ќе се откажат од повратот на средствата доколку треба да поднесат тужби или да поминат низ сложени административни процедури. „Не треба да има пречка за ЦБП да издава поврат на средства“, смета Џорџ Татл, адвокат за трговија.






