Поголемите заеднички напори и меѓународната соработка се клучни за зачувување на заштитата на бегалците, која е загарантирана со меѓународното право, се вели во соопштението по повод 20 јуни – Светскиот ден на бегалците.
Директорката на ОДИХР, Марија Телалијан, истакна дека државите мора да ја исполнат својата законска обврска да ги заштитат оние кои бегаат од конфликт, прогон и насилство.
И покрај предизвиците, мора да работиме заедно за да најдеме одржливи решенија што ги почитуваат човековите права на секој човек, изјави Телалијан.
Во соопштението се наведува дека секој има право да бара сигурност во друга земја, без разлика од каде доаѓа или кој е.
Сите земји-членки на ОБСЕ мора да го почитуваат тоа право, како и забраната за враќање, односно никој да не се враќа во земја каде што може да се соочи со прогон или нешто полошо.
Во исто време, потребна е безбедна и поддржувачка средина за бранителите на човекови права кои им помагаат на бегалците и раселените лица, додава ОДИХР.