Девет месеци студентите и граѓаните во Србија протестираат за уставна држава и нови избори. Владата, а особено претседателот Александар Вучиќ, се соочуваат со сè поголем притисок. Тие ги опишуваат протестите како „шарена револуција“ оркестрирана од странски сили што сакаат да ја уништат Србија. Фактот дека двајца национални херои, патриотски Срби, ги поддржуваат студентите е незгоден за режимот, пишува Јашар Дугалиќ, дописник од Белград за Ноел Цирхер цајтунг.
„Фактот што двајца национални херои, патриотски Срби, ги поддржуваат студентите воопшто не му помага на режимот. Новак Ѓоковиќ и Емир Кустурица – најдобриот тенисер во светот и повеќекратно наградуваниот филмски режисер – поради тоа станаа мета на режимот.“
Целта е со дискредитирањето народот да се одврати од нив и повторно да ѝ се приклони на владата, па останува да се види дали овој план ќе успее.
Ѓоковиќ ги поддржува студентите, но не зборува против Вучиќ

Во статијата се потсетува дека, во врска со протестите по уривањето на настрешницата на железничката станица во Нови Сад на 1 ноември, Ѓоковиќ првпат се огласи на 18 декември, и дека во јануари еден од своите спортски успеси ѝ го посвети на студентката што беше удрена од автомобил за време на протестите и завршил во болница со повреди. А на Инстаграм на 15 март сподели фотографии од најголемиот протест дотогаш, со околу 300.000 учесници, со коментар: „Историски, величествено!“ Победите на неодамнешниот турнир во Вимблдон ги славеше со гест на пумпање – што е симбол и слоган на студентското движење.
„Ѓоковиќ првенствено ја изразува својата поддршка за студентите и младите луѓе. Тој се нема изјаснето експлицитно против Вучиќ и српската влада“, забележува авторот.
Кустурица се судри со Вучиќ уште поради литиумот
Сосема е различно со Емир Кустурица, пишува швајцарскиот весник, наведувајќи дека тој „се разишол од Вучиќ неколку месеци пред трагедијата во Нови Сад“.
„Се противеше на планираното ископување литиум во Србија – проект на Вучиќ што му обезбедува наклонетост од ЕУ. Кустурица во јануари изјави дека поради тоа добил смртни закани, за кои, вели тој, Вучиќ и обвинителството молчеле. Во тоа време првпат ги поздрави студентските протести. Неодамна побара ослободување на учесниците на протестот што беа уапсени за наводно загрозување на уставниот поредок. Тој ги обвини српската влада и Вучиќ за кршење на Уставот затоа што сакаат да ги нормализираат односите со Косово.“

Кустурица и Ѓоковиќ им даваат патриотски легитимитет на протестите
За Вучиќ, фактот што двајцата покажаа солидарност со граѓанскиот протест е голем проблем – затоа што Ѓоковиќ и Кустурица се многу почитувани во Србија, пишува авторот на статијата и наведува:
„Двајцата отелотворуваат една Србија што е отворена кон светот и меѓународно успешна, но во исто време религиозна и патриотска. Исто како што Вучиќ се прикажува себеси. Според тоа, тој им се додворуваше на Ѓоковиќ и Кустурица, ги поддржуваше нивните проекти со значителни средства и ѝ се претставуваше на јавноста како нивен пријател и помошник.“
Сепак, „сега оваа меѓусебна инструментализација (од која сите имаа корист) се свртува против Вучиќ: со поддршка на студентите, Кустурица и Ѓоковиќ им даваат на протестите патриотски легитимитет, кој претседателот го сака исклучиво за себе“.
Авторот забележува: „Конзервативните и националистичките гласачи на Вучиќ би можеле да застанат на страната на студентите. И многумина веќе го сторија тоа. Ова ги објаснува жестоките напади од страна на режимските медиуми врз познатото дуо. Кампањата ја води таблоидот Информер, лојален на Вучиќ“.
„Информер“ на дело
Ное Цирхер цајтунг потсетува дека „Информер“ го нарекол Ѓоковиќ „срамота“ по протестот на 15 март, поддржувач на насилство и на „шарена револуција“ и наведува: „Кога до јавноста стигна информација дека Ѓоковиќ и неговото семејство планираат да се преселат во Атина, истиот весник го етикетираше како лажен патриот што со години се претставувал како симбол на Србија, само за да избега во Грција. Пред неколку дена, еден претприемач противник на протестите објави видео во кое го поврзува таткото на Ѓоковиќ со наводен педофил“.
Ни Кустурица не е поштеден, пишува швајцарскиот весник: „И него Информер го нарекува активист на ‘шарена револуција‘. Бидејќи режисерот често се појавува на рускиот пропаганден канал Спутник, Информер веднаш ја етикетираше и Русија како еден од организаторите на гореспоменатата револуција“.
„За медиумските портпароли на претседателот, протестот се чини дека доаѓа од секаде – само не од општеството“, забележува авторот.
„Вучиќ самиот се претставува како смирен татко на нацијата. Откако Ѓоковиќ не успеа да влезе во финалето на Вимблдон, немаше потсмев. Напротив: ‘Тој човек е легенда на Србија. Го поддржувам од срце. Може да зборува против мене колку што сака и да ги поддржува моите противници. Но да се каже нешто лошо за него – тоа е глупаво и смешно‘, го цитираше Информер претседателот“, пишува на крај Ное Цирхер цајтунг.






