понеделник, 9 февруари 2026

Обвинителството во Хаг побара по 45 години затвор за четворица лидери на ОВК

Тачи, Весели, Сељими и Красниќи се обвинети за злосторства врз Срби, Роми и Албанци, прогласени за „колаборационисти“, во околу 40 притвори на ОВК на Косово, како и во Кукеш и Цахан во северна Албанија, од март 1998 до ноември 1999 година.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Хашкото обвинителство денес побара казна од 45 години затвор за поранешните лидери на ОВК Хашим Тачи, Кадри Весели, Реџеп Сељими и Јакуп Красниќи, обвинети за воени злосторства на Косово и во Албанија во периодот 1998–1999 година.

Во почетокот на завршните зборови, главната обвинителка Кимберли Вест оцени дека доказите изведени во текот на судењето покажале дека злосторствата од обвинението биле извршени и дека „обвинетите сносат кривична одговорност“.

„Доказите ги оправдуваат евентуалните долги затворски казни за сите обвинети“, изјави главната обвинителка.

Тачи, Весели, Сељими и Красниќи се обвинети за злосторства врз Срби, Роми и Албанци, прогласени за „колаборационисти“, во околу 40 притвори на ОВК на Косово, како и во Кукеш и Цахан во северна Албанија, од март 1998 до ноември 1999 година.

Главната обвинителка прецизираше дека обвинетите се одговорни за смртта на најмалку 100 жртви и за малтретирање на стотици лица.

Вест како докажано го наведе и обвинението дека четворицата лидери на ОВК биле „протагонисти на здружен злосторнички потфат“, со цел да преземат контрола врз цело Косово.

На нивна мета, според зборовите на Вест, биле сите што ги доживувале како „противници“ на ОВК – Срби, Роми, Албанци прогласени за соработници на српските власти и членови на Демократскиот сојуз на Косово на Ибрахим Ругова.

Обвинителката Вест, повикувајќи се на доказите, оцени дека обвинетите биле „клучни членови на Главниот штаб на ОВК“ и дека „командантите на оперативните зони на ОВК добивале наредби од нив, а не обратно“, како што тврдела одбраната.

Тие тврдења на одбраната Вест ги нарече „цинично извртување на вистината“.

Обвинителката како неверодостојни ги оцени сведочењата на седум меѓународни функционери, вклучително и генералот Весли Кларк и амбасадорот Кристофер Хил, дадени во одбрана на првообвинетиот Тачи.

Според Вест, тие сведочења се засновале на „ограничени сознанија“ на сведоците, кои биле „падобранци“ во сложената ситуација на Косово и немале никакви сознанија за внатрешната организација на ОВК и нејзиното дејствување на терен.

Посебна благодарност главната обвинителка им упати на жртвите и сведоците што дале исказ и покрај „трајната клима на заплашување на Косово“, односно „заканите, стравот и стигмата“ на кои биле изложени.

Пред судскиот панел, со кој претседава Чарлс Смит од САД, обвинителите и бранителите ќе ги изнесуваат завршните аргументи до 18 февруари.

Според правилата на судот, пресудата за четворицата поранешни лидери на ОВК потоа ќе биде изречена во рок од 90 дена.

Доколку на судиите им биде потребно повеќе време за одлучување, рокот за изрекување на пресудата може да биде продолжен за уште 60 дена.

Според обвинението, Тачи, Весели, Сељими и Красниќи се индивидуално кривично одговорни за злоделата на припадниците на ОВК извршени за време на немеѓународен оружен судир, во рамките на „широки и систематски напади врз лица осомничени дека се спротивставувале на ОВК“.

Обвинението во десет точки ги товари Тачи, Весели, Сељими и Красниќи за: прогон на политичка и етничка основа, затворање, незаконско апсење и притворање, други нехумани постапки, сурово постапување, присилно исчезнување, мачење (две точки) и убиства (две точки).

Припадниците на ОВК извршиле злосторства врз приближно 407 притвореници, од кои најмалку 102 биле убиени, од март 1998 до септември 1999 година, се наведува во обвинението.

Во обвинението се идентификувани 750 жртви – 51 српска, 23 албански и една ромска.

Шест точки од обвинението ги товарат Тачи (56), Весели (57), Сељими (53) и Красниќи (74) за злосторства против човештвото, а четири точки за воени злосторства.

Според обвинението, Тачи, Весели, Сељими и Красниќи биле учесници во здружен злосторнички потфат.

Целта на тој злосторнички потфат била преземање контрола врз цело Косово преку насилство врз сите што ОВК ги сметала за „противници“.

Како соучесници во злосторничкото здружување, во обвинението се наведени и офицерите на ОВК: Азем Суља, Љах Брахимај, Фатмир Љимај, Сулејман Сељими, Рустем Мустафа, Шуќри Буја, Љатиф Гаши и Сабит Геци.

Сите обвинети изјавиле дека не се виновни.

Тие се во притвор во Хаг од апсењата на Косово, спроведени на 4 и 5 ноември 2020 година.

Судењето на Тачи и кообвинетите започна пред судот во Хаг на 3 април 2023 година, а обвинителите ја завршија својата доказна постапка на 15 април минатата година.

Во хашката судница сведочеа 125 сведоци на обвинението, а изјавите на десетици други сведоци обвинителите ги воведоа како докази во писмена форма.

Доказниот материјал на обвинителството опфаќа и 3.000 документи на албански, српски и англиски јазик.

Во одбрана на Тачи сведочеа седум сведоци – поранешни британски и американски функционери што се среќавале со него и воделе разговори во периодот 1998–1999 година.

Тие сведоци дадоа речиси идентични искази дека Тачи не бил воен командант, туку политички претставник на ОВК и дека не можел да биде виновник за злосторствата од обвинението.

Според сведоците на одбраната, ОВК не била ни организирана војска со централна команда и команден синџир.

На прашања на обвинителите, Кларк, Хил и другите сведоци на одбраната на Тачи, сепак, потврдија дека во тоа време немале подетални информации за внатрешната организација и дејствувањето на ОВК на терен, ниту за киднапирањето и притворањето цивили.

Докази на одбраната во писмена форма поднесоа и застапниците на четвртообвинетиот Красниќи.

Сметајќи дека обвинителите не ја докажале нивната вина, второобвинетиот Весели и третообвинетиот Сељими не изведоа сведоци на одбраната пред судот.

Во судењето на Тачи и кообвинетите учествуваат и повеќе од 150 жртви на злосторствата од обвинението.

Судот, во текот на процесот, ги сослуша извештаите на двајца вештаци за материјалната, физичката и менталната штета што ја претрпеле жртвите.

Доколку Тачи, Весели, Сељими и Красниќи бидат прогласени за виновни, сите жртви што учествуваат во судењето ќе имаат право на обесштетување.

Специјализираните совети на Косово, како што официјално се нарекува судот, ги основаше Собранието на Косово во 2015 година под меѓународен притисок предизвикан од извештајот на известувачот на Советот на Европа Дик Марти за злосторствата на ОВК на Косово и во Албанија, објавен во 2011 година.

Судот формално е дел од правосудниот систем на Косово, но работи во Хаг. Во пресудите и другите документи, судот утврди дека на Косово владее упорна клима на заплашување и вознемирување на сведоци против обвинетите припадници на поранешната ОВК.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ