вторник, 30 декември 2025

Обновената катедрала Нотр Дам повторно ги отвора вратите пет години по пожарот (ВИДЕО)

Париската катедрала Нотр Дам денес повторно ги отвора вратите, обновена од разорниот пожар пред пет и пол години, кој го уништи готското ремек-дело во рок од неколку минути.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Средновековната катедрала стара 860 години, симбол и на Франција и на Париз, детално е реставрирана, со нова кула и плафон, а украсите од бел камен и злато блескаат посилно од кога било.

Вечерта на 15 април 2019 целиот свет со ужас гледаше како кулата и покривот на катедралата се уриваат во бесниот оган кој им се закануваше на главните камбанарии и целата градба. Уништувањето беше за влакно избегнато.

„Планетата беше вознемирена тој ден“, кажа францускиот претседател Емануел Макрон пред денешната церемонија на отворање. „Шокот од повторното отворање, верувам и сакам да верувам, ќе биде силен како тој од пожарот, но тоа ќе биде шок на надеж“.

Макрон, ослабен од длабоката политичка криза во земјата, ќе има прилика да ги заборави проблемите кога ќе ги дочека новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, британскиот принц Вилијам и десетици шефови на држави и влади.

Церемонијата треба да почне околу 19 часот.

Според податоците од кабинетот на Макрон, за обнова на катедралата „многу пари се слеаја од целиот свет, повеќе од 840 милиони евра, што останаа средства за понатамошни вложувања во објектот“.

Католичката црква очекува катедралата да ја посетуваат 15 милиони луѓе годишно.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ