Корисниците што сакаат да пристапат до новите документи поврзани со Џефри Епстин на интернет-страниците на американското Министерство за правда најпрво мора да потврдат дека се полнолетни, односно дека се постари од 18 години.
Денешната објава е дел од процесот што го наложи американскиот Конгрес, кој му даде рок на Министерството до 19 декември минатата година на јавноста да ѝ ги предаде сите списи поврзани со случајот Епстин. Во почетокот на овој месец од Министерството проценија дека дотогаш биле објавени помалку од еден процент од целокупниот материјал поврзан со случајот.
Меѓу документите се наоѓаат и детали за апсењето на блиската соработничка на Епстин, Гислејн Максвел. Во десеттиот пакет документи (датасет 10) се наоѓа ПДФ-запис од нејзината регистрација во системот Заеднички автоматизиран систем за евиденција при апсење, кој се користи за евидентирање осомничени лица по апсење, пренесува Би-би-си. Документот од 2020 година содржи фотографија од Гислејн Максвел во она што изгледа како затворски портокалов комбинезон.
Во списот се наведени и нејзиното полно име, познатите псевдоними, како и делумно редигирана адреса на живеење во градот Бредфорд, во сојузната држава Њу Хемпшир. Документот содржи и список на кривични дела за кои Максвел е обвинета, меѓу кои се сексуална експлоатација на малолетници, давање лажен исказ и превоз на лица преку сојузни граници заради сексуални активности.
Објавувањето на овие документи е дел од поширок процес на постепено откривање на материјалите од истрагата за Епстин, кои Министерството за правда ѝ ги става на располагање на јавноста со одредени редигирања, заради заштита на чувствителни податоци.
Меѓу објавените материјали се наоѓаат и психолошки извештаи за Џефри Епстин од периодот додека бил во затвор, како и детали за испораката на преносен компјутер на Гислејн Максвел. Дел од документите содржат страници што се целосно затемнети.
Заменик-американскиот државен обвинител, Тод Бланш, застана во одбрана на Министерството за правда, кое се најде на удар на критики поради доцнењето во објавувањето на списите, истакнувајќи дека приоритет била заштитата на жртвите. Според неговите зборови, министерството не го пробило намерно рокот од 30 дена што го постави Конгресот, а кој истече во декември, туку огромниот обем на документите барал темелна проверка.
Бланш им порача на новинарите дека нема да ги коментира критиките на сметка на министерството. Наместо тоа, ги образложи причините за доцнењето.
„Луѓето можат да критикуваат колку сакаат. Сакав само да објаснам зошто, со оглед на сè што работевме во последните два месеци, не успеавме да ја завршиме проверката на повеќе од шест милиони страници“, рече тој. „Станува збор за количество документи што одговара на висината на две Ајфелови кули, а кои требаше да се обработат за 30 дена, така што целосно ќе се испочитува законот.“
Бланш тврди дека министерството „очигледно“ не го игнорирало рокот од 30 дена што го постави Конгресот. Тој нагласи дека наместо тоа се придржувале до обврската да ги заштитат жртвите.






