недела, 7 декември 2025

Објавена снимка од израелски војници како убиваат Палестинци откако се предале

Објавена е снимка од упад на израелската армија на Западниот Брег, на која се чини дека војниците егзекутираат двајца Палестинци само неколку секунди тие откако се предале. Пукањето се случило во четврток вечерта во близина на Џенин, а истрага отвори Министерството за правда, но крајнодесничарскиот министер Итамар Бен Гвир веќе ги брани војниците, пишува Гардијан.

Фото: Икс

Објавено на

часот

Сподели

На снимката, кое брзо се прошири низ израелските и арапските медиуми, се гледаат израелски војници како опколуваат објект сличен на магацин во урбана област. Војниците користат багер за да ја скршат вратата од гаражата, по што двајца мажи излегуваат од под оштетената врата и се предаваат на колена, кревајќи ги кошулите за да покажат дека се невооружени.

Потоа им се приближуваат униформирани мажи, идентификувани од израелските медиуми како членови на израелската гранична полиција. Еден од нив, кој не носи шлем, ја презема командата, ги удира мажите додека лежат на земја, а потоа им наредува да се вратат во зградата. Само неколку секунди подоцна, додека двајцата мажи се оддалечуваат и стигнуваат до прагот на зградата, петмина граничари ги креваат своите автоматски пушки и пукаат, а двајцата заробеници паѓаат на земја.

Израелските одбранбени сили (ИДФ) во соопштение потврдија дека двајцата мажи биле убиени за време на заедничка операција меѓу ИДФ и граничната полиција. Тие изјавија дека пукањето „е под истрага на командантот на терен и ќе биде проследено до надлежните професионални тела“. ИДФ додаде дека силите дејствувале за „апсење на барани лица кои вршеле терористички активности“ и дека откако осомничените излегле од објектот, „кон нив било пукано“.

Сепак, министерот за национална безбедност Итамар Бен Гвир издаде своја изјава во која понуди „целосна поддршка на граничната полиција и борците на ИДФ кои пукале врз бараните терористи“. Бен Гвир, кој беше осуден во 2007 година за поттикнување расизам и поддршка на терористичка организација, кажа: „Борците го направија токму она што се очекуваше од нив – терористите мора да умрат“.

„Згрозени сме од дрското убиство на двајца палестински мажи од страна на израелската гранична полиција вчера во Џенин на окупираниот Западен Брег, уште едно очигледно вонсудско погубување“, кажа Џереми Лоренс, портпарол на Канцеларијата за човекови права на ОН.

Израелската организација за човекови права Б’Тселем, исто така, остро реагираше. „Егзекуцијата документирана денес е резултат на забрзан процес на дехуманизација на Палестинците и целосно напуштање на нивните животи од страна на израелскиот режим“, рече Јули Новак, извршен директор на организацијата. „Во Израел не постои механизам кој работи на спречување на убивањето на Палестинците, ниту е способен да ги гони одговорните“.

Палестинската милитантна група Исламски џихад објави дека двајцата убиени мажи биле членови на нејзиното вооружено крило, Бригадите Ал Кудс. Тие се именувани како Јусеф Асаса (37) и Махмуд Абдала (26). Се наведува дека едниот бил командант на терен, а другиот борец во нивната бригада во Џенин.

Егзекуцијата на невооружени затвореници, дури и во конфликт, се смета за воено злосторство. Според извештаите на израелските медиуми, единицата на граничната полиција вклучена во убиствата е Јамас, група на специјални сили позната по тајни операции. Израелските војници и полицајци ретко одговараат за убивањето на Палестинци и покрај стотиците обвинувања. Во 2016 година, организацијата Б’Тселем престана да соработува со воените истражни процеси, прогласувајќи ги за „механизам за прикривање“. Она што го издвојува овој случај е постоењето на јасни видео докази.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ