понеделник, 15 декември 2025

Обични луѓе за јунакот Ахмед во еден ден донирале преку милион долари

Донациите за мажот од Сиднеј кој му ја одзеде пушката на еден од напаѓачите во масовното пукање на плажата Бонди достигнаа повеќе од 1,1 милион австралиски долари, додека тој заздравува во болница по операцијата поради прострелните рани.

Принтскрин: Икс

Објавено на

часот

Сподели

Четириесет и тригодишниот Ахмед ал Ахмед, муслиман, татко на две деца, се скрил зад паркирани автомобили пред да нападне еден од напаѓачите одзади, грабнувајќи му ја пушката и соборувајќи го на земја. Премиерот Ентони Албанезе кажа дека храброста на Ахмед спасила животи.

„Она што го видовме во последните 24 часа беше најлошото нешто што еден човек може да направи – терористички чин, но во исто време видовме пример за најдоброто нешто што може да го направи еден човек, а тоа лице е Ахмед ал Ахмед кој се соочи со опасноста, ризикувајќи го сопствениот живот“, кажа Албанезе во програмата на Еј-би-си њуз на државната телевизија, потсетувајќи дека втор напаѓач го ранил Ал Ахмед со два истрели.

Семејството на локалниот херој им кажа на новинарите дека Ахмед бил застрелан во раката и надлактицата.

Австралиската полиција денес објави дека нападот врз група луѓе кои ја прославувале еврејската Ханука во неделата на плажата Бонди го извршиле 50-годишен маж и неговиот 24-годишен син. Притоа беа убиени 15 лица. Ова е најлошото масовно пукање во Австралија во последните речиси 30 години.

Таткото на Ахмед, Мохамед Фатех ал Ахмед, во интервју за Еј-би-си њуз изјави дека неговиот син е австралиски државјанин и дека продава овошје и зеленчук. „Мојот син е херој. Работел во полицијата и знае како да ги брани луѓето“.

Во меѓувреме, честитки пристигнуваат од сите страни, од лидери од земјата и од странство.

Премиерот на Нов Јужен Велс, Крис Минс, објави на социјалните мрежи дека го посетил Ахмед во црквата Сент Џорџ и му ја пренел благодарноста на луѓето од целата земја. „Ахмед е вистински херој. Ви благодарам“, се вели во неговата објава.

И американскиот претседател Доналд Трамп го нарече Ахмед „многу, многу храбра личност“ која спасила многу животи.

Досега, кампањата Гоуфандми започната за Ахмед собра повеќе од 1,1 милион австралиски долари за само еден ден. Милијардерот и менаџер на инвестициски фондови Бил Акман е најголемиот донатор. Тој донирал 99.999 австралиски долари.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ