„Ќе биде потребно помалку гледање во сопствениот папок и помалку кукање и лежење во фетална положба. Демократите едноставно ќе мора да се засилат“, рече поранешниот претседател, критикувајќи го чувството на парализираност кај членовите на партијата.
Тој им се обрати и на оние кои изразуваат разочарување: „Не ми кажувајте дека сте демократ, но во моментов сте разочарани и не правите ништо. Токму сега е времето да направите нешто. Не кажувајте дека ви е грижа за слободата на говорот, а потоа да молчите. Бранете ја слободата на говорот тогаш кога е тешко – кога некој ќе каже нешто што не ви се допаѓа, вие сепак велите: Тој човек има право да зборува. Сега ни е потребна храброст.“
Зборувајќи во контекст на потрагата на партијата по нова насока, Обама рече дека се надева дека претстојните избори за гувернер во Њу Џерси и Вирџинија ќе бидат можност за политички моментум. „Престанете да барате брзо решение. Престанете да барате месија. Имате одлични кандидати кои се кандидираат токму сега – поддржете ги“, рече тој.
Според извори запознаени со настанот, на собирот, организиран од гувернерот на Њу Џерси Фил Марфи и неговата сопруга Тами, биле собрани 2,5 милиони долари за Демократскиот национален комитет (ДНК). Дел од средствата ќе одат во кампањата на кандидатот за гувернер на Њу Џерси, пратеничката Мики Шерил, која беше присутна, како и претседателот на ДНК, Кен Мартин.
Обама ги пофали Шерил и поранешната пратеничка Абигејл Спанбергер, кандидатка за гувернер на Вирџинија, како „силни портпароли на прагматичен, здрав разум и желба да им се помогне на луѓето на конкретен начин“, додавајќи дека и двете имаат „извонредни биографии и резултати во јавната служба“.
„Најважното нешто што можете да го направите во моментов е да му помогнете на тимот – да им помогнете на нашите кандидати да победат. И ние мора да ги наполниме касите на Демократскиот национален комитет“, рече тој.
Поранешниот претседател исто така повика на фокус на конкретни решенија, без оглед на идеолошките поделби во партијата. „Постои наводен конфликт помеѓу левицата и оние кои се залагаат за таканаречената агенда за изобилство. Но, тие работи не се меѓусебно спротивставени. Сакате да им помогнете на луѓето? Тогаш мора да најдете начин за тоа всушност да го направите“, рече тој.
„Не ме интересира колку ја сакате работничката класа, ако тие не можат да купат стан затоа што правилата на вашата држава ги спречуваат да градат. Ако зоните не дозволуваат повеќе станбени згради поради менталитетот „не во мојот двор“, тогаш сите ваши идеи паѓаат во вода – затоа што не можете да изградите ништо“, додаде тој.
Тој исто така откри дека не е изненаден од однесувањето на Трамп, ниту од фактот дека повеќе нема „заштитни огради“ во Републиканската партија. Тој повторно ги повика институциите како адвокатски фирми и универзитети да се спротивстават на притисокот и заканите од администрацијата на Трамп.
„Од нас се бара да вложиме напор, да се залагаме за она во што веруваме дека е исправно. И да бидеме спремни да се чувствуваме непријатно во одбрана на нашите вредности. И во одбрана на нашата земја. И во одбрана на светот што сакаме да им го оставиме на нашите деца и внуци“, заклучи Обама. „Ако сите го сториме тоа, ако си ја завршиме нашата работа во текот на следната година и пол, ќе го обновиме моментумот и ќе ја вратиме оваа земја таму каде што треба да оди.“