Тие 9.745 нуклеарни боеви глави имаат разорна моќ на 135.000 бомби како онаа која била фрлена врз Хирошима, се наведува во извештајот презентиран денес во Женева. Тоа е 141 боева глава повеќе отколку во 2024 година и 473 повеќе отколку во 2017 година.
Се проценува дека деветте глобални нуклеарни сили имаат вкупно 12.187 боеви глави, што вклучува 2.442 боеви глави кои се официјално деактивирани, но сè уште не се демонтирани, се наведува во извештајот.
Повеќе од 40 проценти од боевите глави се монтирани на балистички ракети во силоси, на мобилни лансери или се наоѓаат во подморници или бази за бомбардери, а овие ракети може веднаш да се употребат. Останатите се во резерва.
„Бројот на достапни боеви глави постојано се зголемува од 2017 година и се очекува да продолжи. Кина, Индија, Северна Кореја, Пакистан и Русија ги зголемија своите нуклеарни арсенали во 2025 година. Франција неодамна објави дека ќе го стори тоа, а Соединетите Американски Држави исто така планираат да го зголемат својот арсенал“, вели Ханс М. Кристенсен, директор за нуклеарни прашања во Федерацијата на американски научници (ФАС), еден од коавторите на извештајот.
Нуклеарно оружје уште имаат Израел и Британија.
Мониторот (Nuclear Weapons Ban Monitor) го следи напредокот во спроведувањето на Договорот за забрана на нуклеарно оружје (ТПНВ), а извештајот го издава секоја година организацијата Норвешка народна помош (НПА) во соработка со ФАС, во рамките на Меѓународната кампања за забрана на нуклеарно оружје (ИКАН).
Кристенсен вели дека дури и во некои држави кои немаат свое нуклеарно оружје, интензивно се дискутира можноста за стекнување на тоа оружје или за ставање на територијата на располагање за стационирање на оружје од трета земја.
Генералниот секретар на НПА Рејмонд Јохансен додава дека спротивниот тренд е забележлив и на глобално ниво, имено дека сè повеќе земји го поддржуваат договорот ТПНВ, кој настана во 2017 година под покровителство на Обединетите нации и стапи на сила во 2021 година.
До крајот на 2025 година 99 земји го прифатија договорот со негово потпишување или ратификација, и многу е веројатно дека овој број ќе се зголеми оваа година, кажа Јохансен.
Извештајот, меѓутоа, открива и големи регионални разлики во поддршката на договорот, вели Јохансен, прецизирајќи дека тој ужива голема поддршка на глобално ниво, особено во Африка и Америка.
Јохансен оцени дека „Европа е сè уште голема пречка за напредок во универзалната примена на ТПНВ“.
На договорот активно се спротивставуваат 44 земји, од кои три четвртини се во Европа. Меѓу земјите кои се против него се девет нуклеарни сили и 33 земји кои користат заштита од таканаречените нуклеарни чадори. Во Европа, 33 земји го отфрлаат договорот, од кои 29 се под нуклеарниот чадор на големите сили.






