ИАЕА неодамна спроведе инспекција на заштитната структура, која потврдила „дека заштитната обвивка ги изгубила своите примарни безбедносни функции, вклучително и способноста да задржува радиоактивен материјал“.
Нема трајни оштетувања на носечките структури на обвивката
По нападот со дрон во почетокот од годинава било утврдено дека нема трајни оштетувања на носечките конструкции или на надзорните системи на заштитната обвивка. Одредени поправки веќе се извршени, изјави директорот на ИАЕА, но предупреди дека е неопходна целосна обнова за да се обезбеди долгорочна безбедност.
Заштитната структура е изградена по нуклеарната катастрофа во Чернобил во април 1986 година над урнатините на четвртиот реакторски блок, со цел да се спречи понатамошно испуштање радиоактивен материјал. Обединетите нации на 14 февруари известија дека дрон со високоразорна боева глава го погодил саркофагот. Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја обвини Русија за нападот. Москва ги отфрла тие обвинувања. Според тогашните информации, нивото на зрачење останало нормално и стабилно.
ИАЕА: Автоматскиот надзорен систем мора да се подобри
ИАЕА сега препорачува дополнителни мерки за санација и заштита. Меѓу нив се контрола на влажноста, ажурирана програма за надзор на корозијата и подобрување на автоматскиот надзорен систем на саркофагот. Според агенцијата со седиште во Виена, дополнителни привремени поправки треба да се извршат следната година за повторно да се воспостави способноста на обвивката да го задржува радиоактивниот материјал.
Во војната што Русија ја започна против Украина во февруари 2022 година, постојано се пријавуваат инциденти во делумно исклучените нуклеарни електрани во Украина. Според информациите од Киев, последен пат снабдувањето со електрична енергија на саркофагот во Чернобил било прекинато во почетокот од октомври.
Исклучената нуклеарна електрана Запорижја на југот на Украина, која руските трупи ја држат под окупација од март 2022 година, есента беше околу еден месец отсечена од надворешно напојување со електрична енергија.
ИАЕА соопшти дека електраната и минатата недела била половина час одвоена од надворешното напојување. Тоа се случува веќе единаесетти пат од почетокот на војната.






