недела, 14 декември 2025

Ново истражување: Членството во ЕУ има мнозинска поддршка во сите земји од Западен Балкан, освен во Србија

Ново, вонредно истражување на Евробарометар на Европската комисија покажува дека во Европската Унија 56 отсто од граѓаните го поддржуваат проширувањето и таа поддршка е особено силна кај помладата популација.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Според истражување објавено денес од Европската комисија, приближно две третини од испитаниците на возраст од 15 до 39 години оцениле дека земјите кандидатки или потенцијални кандидати за членство треба да се приклучат кон Унијата кога ќе ги исполнат условите.

Мнозинството од анкетираните, исто 56 отсто, сметаат дека нивната земја ќе има корист од проширувањето на ЕУ, а најчестите придобивки што ги наведоа се поголемо глобално влијание, поголем пазар, повеќе можности за работа и поголема солидарност и безбедност.

Сепак, учесниците во истражувањето изразија и загриженост за миграцијата, корупцијата и криминалот, како и за трошоците за проширувањето. Тие истакнале дека е важно кандидатите да го почитуваат владеењето на правото, борбата против корупцијата и заштитата на основните права, како клучните елементи на кредибилен процес на пристапување базиран на заслуги.

Сепак, 67 отсто од граѓаните на ЕУ сметаат дека не се доволно информирани за процесот на проширување.

Заедно со анкетата во земјите од ЕУ, спроведена е анкета во шесте земји од Западен Балкан, Украина, Молдавија и Грузија.

Анкетата покажала дека во сите земји од Западен Балкан постои барем половична поддршка за приклучување кон ЕУ, со исклучок на Србија. Пристапот кон ЕУ е најмногу поддржан од граѓаните на Албанија, со 91 отсто, по што следува Македонија со 69 отсто.

Жителите на тие земји веруваат дека членството во ЕУ би донело подобар квалитет на живот и отворени граници.

За разлика од тие земји, во Србија, само 33 отсто од анкетираните гласале за членство во ЕУ.

Во земјите од источното соседство, 55 отсто од Молдавците, 49 отсто од Украинците и 43 отсто од Грузијците ја поддржуваат европската интеграција.

Истражувањата покажале дека познавањето на ЕУ и нејзината политика за проширување кај сите земји кандидати и потенцијални кандидати е една од најголемите пречки.

Во Молдавија, 48 отсто од граѓаните веруваат дека се добро информирани за тоа, во Црна Гора 39 отсто, во Украина процентот паѓа на 23 отсто, а во Србија на само 20 отсто.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ