Иако ниту еден од неговите состаноци не бил јавен, електронската пошта открива низа можни посети, и од него и од неговите наводни посредници. Епстин, за кого обвинителите тврдат дека создал широка мрежа на малолетни жртви за сексуална експлоатација, имал бројни преписки за жени во Европа.
Во низата мејлови испратени до Епстин во 2010 година, има опис на жена идентификувана како „Кели Ц“, која била препорачана од бриселската „модна агенција“ Кастинг фактори. Во пораката се наведени нејзините телесни мерки, со потврда дека е „од многу пријатна природа“.
Политико не успеал да контактира со Кастинг фактори, чија веб-страница повеќе не е активна. Зградата на адресата наведена во пораките, во центарот на Брисел во близина на Авенија Луиз, денес изгледа напуштена.
Во истата преписка е вклучен и претставник на агенцијата МЦ2 модел менаџмент, која е ко-основана од долгогодишниот соработник на Епстин, Жан-Лук Брунел. Во 2022 година, Брунел беше пронајден обесен во неговата затворска ќелија во Париз, каде што беше приведен под сомнение за силување малолетнички и трговија со деца за сексуална експлоатација. Агенцијата МЦ2 повеќе не работи и не е достапна за коментар.
Во истата година, Епстин добил порака од редактирана адреса во која испраќачот го информираше дека „се подготвува за утрешниот лет“ и дека „ќе му го испрати својот нов број од Брисел!“. Една заграда во текстуалната комуникација во Источна Европа често се користи како смајли.
Друга порака до Епстин, од исто така редактирана адреса, гласи само: „ми недостигаш))))) bisous од Брисел“. Зборот „bisous“ значи бакнежи на француски јазик. Во друга преписка, непознат испраќач му пријавил на Епстин дека имал видео повик со жена која изгледала „прилично убава“, иако „не можел добро да го види нејзиното лице“.

За жената, која наводно „чекала виза“, се вели претходно работела како „агент во модна агенција (можеби има и други кандидатки?) Мислам дека ќе се снајде добро по нашиот разговор“. Потоа испраќачот побарал дозвола да лета до белгиската престолнина, на што Епстин одговорил: „Да за патувањето во Брисел“.
Една година подоцна, во 2011 година, Епстин добил мејл од својот асистент во кој пишувало: „Се јави Жан Лук да се поздрави и да каже дека вечерва патува во Брисел“. Во пораката не биле наведени други информации за идентификација на повикувачот. Една од наводните посети на Епстин на Брисел била планирана да трае само неколку часа.
Според белешката за резервација испратена од неговиот помошник во јануари 2019 година, Епстин имал намера да патува со воз од Париз со неименувани француски и украински придружнички. Планот бил да се пристигне на станицата Гар ди Миди околу 17:00 часот и да се тргне кратко по 20:00 часот. Целта на патувањето останува нејасна.
Епстин примал и бројни препораки за ресторани во белгиската престолнина. Еден цензуриран контакт му кажал дека Белга Квин, елегантен ресторан во пренаменета банка во историскиот центар, е еден од „најдобрите“ во Брисел.
Кога тогашниот словачки министер за надворешни работи Мирослав Лајчак сакал да се сретне со финансиерот педофил во 2019 година, тој навел дека резервирал маса во ресторанот Ла брасери де Етангс Мелаертс“, кој се наоѓа во луксузниот кварт Волуве-Сен Пјер во Брисел.
Ресторанот одбил да потврди за Политико дали некогаш е направена резервација. Лајчак поднесе оставка минатата сабота од неговата последна позиција како советник за национална безбедност на словачкиот премиер откако документите покажаа дека одржувал блиски врски со Епстин и по неговата пресуда во 2008 година за подведување малолетничка.
Лајчак изјави дека не направил ништо лошо и дека се чувствува како „будала“ затоа што останал во контакт со него. Препораки давал и Питер Манделсон, поранешен британски министер и европски комесар од 2004 до 2008 година, и редовен контакт на Епстин.
„Мојот омилен ресторан беше Лидо ду вилаж“, му порачал Манделсон на цензуриран контакт кој барајл предлози. Сега затвореното бистро се наоѓало во улица со калдрма во населбата Маролс и било ценето поради своите јадења од морска храна.
Манделсон го објави своето повлекување од јавниот живот минатиот вторник. Британската полиција и Европската комисија истражуваат дали го прекршил законот кога, во 2010 година, однапред му открил на Епстин информации за планираниот пакет помош од 500 милијарди евра за Грција за време на должничката криза.
Епстин, чие лично богатство во времето на неговата смрт се проценуваше на 440 милиони долари и кој имаа комерцијални интереси на финансиските пазари, во неколку наврати коментирал за политиката на ЕУ во мејлови.
Во 2018 година тој разменил пораки со Стив Бенон, поранешен висок помошник на американскиот претседател Доналд Трамп, за плановите на Европската комисија да ја преиспита регулативата за криптовалути. „Треба да го запреме тоа во почетна фаза“, напишал Бенон, на што Епстин одговорил: „Регулатива на ЕУ. Се цртаат првите линии на фронтот … јави ми кога вашите Италијанци ќе завршат со вас“. Не е јасно на кои Италијанци мислел.
Еден документ открива порака од истражувач за сајбер безбедност кој го поканил Епстин да учествува во политичка дебата. „Џефри, следната недела ќе одржам 15-минутен говор во Европскиот парламент за регулирање на софтверот за хакирање и надзор“, пишува во мејл испратен во 2015 година.
„Во прилог се моите белешки од говорот, па ако имате време да погледнете и да ми дадете ваше мислење, тоа би било одлично. Мислам дека сте добар пример за целната публика. Ви благодарам!“ Вклученоста во објавените документи не подразбира автоматски извршување на кривично дело, а истражувачот одбил да коментира за случајот преку својот адвокат.
Во понеделникот принцот Лоран од Белгија, брат на белгискиот крал, издаде соопштение во кое потврдува дека се сретнал со Епстин двапати, откако неговото име беше пронајдено во објавениот адресар на финансиери. Лоран тврди дека не направил ништо несоодветно и инсистира дека излегол јавно за да ги спречи „гласините“ за неговата вмешаност.






