среда, 14 јануари 2026

Новиот украински министер за одбрана: Милиони Украинци избегнуваат регрутација или дезертираат

Високата стапка на дезертерство и двата милиони луѓе кои избегнуваат регрутација се меѓу низата предизвици со кои се соочува украинската војска додека Русија продолжува со својата инвазија по речиси четири години борби, изјави денес новиот украински министер за одбрана Михаило Федоров.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Тој во парламентот кажа дека меѓу проблемите со кои се соочуваат оружените сили на Украина се прекумерната бирократија, „пристапот во советски стил“ кон управувањето и прекините во снабдувањето на армијата на речиси 1.000 километри долгата линија на фронтот.

„Не можеме да водиме војна со нови технологии и со старата организациска структура“, кажа Федоров.

Тој објави дека околу 200.000 луѓе дезертирале од армијата и дека околу два милиони луѓе избегнуваат регрутација.

Парламентот денес го назначи Федоров за нов министер за одбрана, а тој вети дека ќе ги охрабри иновациите и реформите за зајакнување на војската во војната со Русија.

Новиот 34-годишен министер претходно беше прв вицепремиер и министер за дигитална трансформација.

Неговиот претходник на функцијата министер за одбрана Денис Шмихал сега е министер за енергетика и прв вицепремиер. Шмихал беше министер за одбрана само неколку месеци – од јули 2025 година до пред некој ден, а пред тоа беше премиер со најдолг мандат во историјата на Украина – од 2020 година до јули 2025 година, кога поднесе оставка на барање на претседателот Володимир Зеленски за да се овозможи реконструкција на владата.

Со оваа реконструкција Зеленски сака да ја фокусира владата повеќе на безбедноста, развојот на одбраната и дипломатијата, во екот на новите напори на Соединетите Американски Држави за постигнување мировен договор со Русија.

Федоров кажа дека Министерството за одбрана има дефицит од 300 милијарди гривни (6,9 милијарди евра) за своите потреби.

Европската унија најголем дел од големиот нов заем ќе го даде за да помогне да се  финансираат украинската војска и економијата во следните две години, изјави денес претседателката на Европската унија Урсула фон дер Лаен.

Федоров кажа дека одбранбениот сектор на Украина значително се проширил од почетокот на руската инвазија во февруари 2022 година. На почетокот на војната, кажа тој, неговата земја имала седум приватни компании за беспилотни летала и две компании кои развивале системи за електронско војување, а денес има речиси 500 производители на беспилотни летала и околу 200 компании за електронско војување.

Тој додаде дека некои сектори се создадени од нула, вклучувајќи ги и приватните производители на ракети, кои сега ги има околу 20, и повеќе од 100 компании кои произведуваат копнени роботски системи.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ