На снимките објавени од државната телевизија ЦЦТВ, може да се види како „невидливи“ борбен авион од петтата генерација Ј-35, повеќенаменскиот борбен авион Ј-15T и авионот за рано предупредување и контрола КЈ-600 полетуваат од носачот. Сите се лансирани со помош на напреден систем познат како ЕМАЛС (Електромагнетен систем за лансирање авиони).
Покрај Кина единствената земја во светот што ја има оваа технологија се Соединетите Американски Држави, и тоа на нивниот најнов носач на авиони УСС Џералд Р. Форд. Аналитичарот и поранешен капетан на американската морнарица Карл Шустер верува дека успешните тестови би можеле да значат дека Фуџијан ќе влезе во официјална служба во морнарицата на Народноослободителната армија за само неколку недели.
Системот ЕМАЛС му овозможува на авионот да полетува со поголем товар оружје и гориво во споредба со двата постари кинески носачи на авиони Шандонг и Лјаонинг, кои користат рампи во стилот на скокалници. Ова ќе им овозможи на авионите од Фуџијан да напаѓаат цели од поголеми растојанија и ќе ѝ даде на кинеската морнарица таканаречени капацитети за „сини води“, односно можност за дејствување на отворени океани. Сепак, за разлика од американските носачи на нуклеарен погон, Фуџијан користи конвенционално гориво, што го ограничува неговото време поминато на море.
Овој технолошки напредок доаѓа во време на посета на делегација на американскиот Конгрес на Пекинг, чија цел е зајакнување на билатералната комуникација, вклучително и воената. Американскиот претставник Адам Смит, највисокиот демократ во Комитетот за вооружени сили на Претставничкиот дом, изрази загриженост за недостигот од редовна комуникација меѓу двете војски.
„Кина е најбрзорастечката војска и најбрзорастечката нуклеарна сила во светот. САД имаат најголема војска во светот и втор најголем нуклеарен арсенал. Опасно е ако немаме редовна комуникација за нашите способности и намери, за да се разбереме едни со други и за погрешните пресметки и недоразбирања да не доведат до поголеми проблеми“, изјави Смит пред новинарите во Пекинг.
Тој додаде дека авионите и бродовите на двете земји веќе се приближуваат премногу еден до друг и повика на подобар дијалог за деескалација и нуклеарното оружје. За време на состанокот со кинескиот министер за одбрана Донг Џун, Смит ја истакна желбата на САД да отворат линии на комуникација. Според кинеските медиуми, Донг ги повикал американските пратеници да „ги отстранат пречките и ограничувачките фактори“ за да ги подобрат односите меѓу двете воени сили.
Посетата на делегацијата следува по неодамнешните разговори меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и кинескиот лидер Си Џинпинг и претходи на потенцијален самит меѓу двајцата лидери следниот месец во Јужна Кореја.






