сабота, 28 март 2026

Нови напади врз Техеран, Иран возвраќа со напади врз Израел и заливските земји

Ракетните напади врз Техеран, главниот град на Иран, продолжија ноќеска и утрово, додека Иран ги продолжи нападите врз Израел и земјите низ Персискиот Залив.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Израелската служба за итна помош Маген Давид Адом (МДА) соопшти дека 52-годишен маж загинал, а неколку лица биле ранети доцна синоќа кога ракета била истрелана кон централниот дел на Израел, пренесува Тајмс оф Израел.

Израелските одбранбени сили (ИДФ) исто така соопштија дека утрово била пресретната ракета истрелана од Јемен, што е првпат од почетокот на американско-израелската операција во Иран и иранските одмазднички напади во судирите да се вклучат јеменските Хути.

Системите за противвоздушна одбрана беа активирани и беспилотни летала беа пресретнати во Обединетите Арапски Емирати, Кувајт и Бахреин.

Пет лица беа ранети кога ракета беше пресретната во Абу Даби, главниот град на Обединетите Арапски Емирати. Медиумската канцеларија на Абу Даби соопшти дека пет индиски државјани биле повредени од остатоци што паднале во близина на Калифа, економската зона на Абу Даби, пренесе Би-би-си. Канцеларијата исто така извести за два пожари во таа област.

Саудиското министерство за одбрана соопшти дека пресретнало три дрона и балистичка ракета лансирани кон Ријад, главниот град на таа земја. Претходно беше објавено дека најмалку 15 американски војници биле ранети во напад во петокот врз саудиската воздухопловна база Принц Султан, а извори на Асошиејтед прес изјавиле дека во текот на изминатата недела во нападите врз таа база биле ранети повеќе од 20 американски војници.

Странски работник бил ранет кога два дрона го погодиле пристаништето Салала во јужен Оман, јави официјалната новинска агенција на таа земја. Владината медиумска канцеларија соопшти дека во нападот со два дрона била оштетена и една дигалка.

Како што пренесува Асошиејтед прес, денес со напади со дронови бил погоден Меѓународниот аеродром во Кувајт. Управата за цивилна авијација соопшти дека во нападите бил сериозно оштетен радарскиот систем на аеродромот. Не се пријавени повредени.

Утрово се огласија и сирените во Бахреин поради очекуван напад, соопштија властите.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ