Според косовскиот устав, претседателот на парламентот мора да биде избран пред победникот на изборите да добие мандат за формирање влада. Меѓутоа, тоа се покажа како тешко без поддршка од опозициските партии, а политичката блокада дополнително ги соголи длабоките поделби.
На парламентарните избори на 9 февруари, по жестоката кампања во која премиерот во заминување Аљбин Курти опозицијата ја нарече „животни“ и „крадци“, неговото движење Самоопределување освои најмногу гласови, но не обезбеди апсолутно мнозинство.
Опозициските партии, кои порачаа дека нема да влезат во коалиција со Самоопределување, делумно го обвинуваат Курти за ескалацијата на тензиите на северот на земјата, кои ги нарушија шансите на Косово за придружување во Европската Унија и предизвикаа санкции од блокот.
Расцепканата политичка сцена би можела да доведе до распишување вонредни избори подоцна годинава доколку не се формира влада.
Курти за претседателка на парламентот ја предложи Аљбулена Хаџиу, досегашната министерка за правда, која вчера повторно освои 57 гласа, четири помалку од потребните 61 пратеник.
Следната седница ќе биде одржана во недела, на 27 април.
Опозициските партии побараа од Курти да предложи друг кандидат ако сака нивна поддршка.
„Не постои политичка волја за конституирање на парламентот“, изјави Хаџиу по гласањето.
Според законот, парламентот мора да продолжи со седниците сè додека не избере претседател. Потоа, претседателот ќе ѝ го додели на партијата на Курти мандатот за формирање нова влада.
Доколку Курти не успее, мандатот ќе ѝ биде понуден на второпласираната Демократска партија на Косово. Ако ни тие не успеат, прилика ќе добие третопласираниот Демократски сојуз на Косово. Доколку сите обиди пропаднат, претседателот ќе мора да распише вонредни избори, што е исходот кој го очекуваат многу аналитичари.