Меѓу документите се наоѓаат три меморандуми со белешки од разговори на ФБИ со жена што го обвинува претседателот Доналд Трамп за сексуален напад, пренесува Индипендент.
Министерството соопшти дека 15 документи биле погрешно означени како дупликати, па затоа не биле објавени согласно со Законот за транспарентност на досиејата за Епстин. По внатрешната проверка, документите сега се објавени.
„Сите 20 документи сега се достапни во библиотеката во сетот со податоци 12“, соопшти Министерството за правда. Дополнително, сите документи што биле означени како дупликати ќе им бидат ставени на располагање на членовите на Конгресот во специјалната читална на Конгресот.
Трамп не е формално обвинет за никакво кривично дело во врска со Епстин, но со години се соочува со прашања за нивното поранешно пријателство. Тие двајца се дружеле во Њујорк и Палм Бич на Флорида во 1990-тите и раните 2000-ти години, пред, според Трамп, да дојде до остар раздор меѓу нив.
Портпаролката на Белата куќа, Каролајн Левит, ги отфрли обвинувањата во новообјавените меморандуми и ги нарече „целосно неосновани обвиненија без никакви веродостојни докази“.
„Целосната неоснованост на обвинувањата е поткрепена и со фактот што Министерството за правда на Џо Бајден четири години знаело за овие наводи и не презело ништо – бидејќи знаеле дека претседателот Трамп не направил ништо погрешно“, изјави таа.
Новите документи се таканаречени „302 меморандуми“, во кои се содржани белешки од разговорите што агентите на ФБИ ги воделе со обвинителката, без дополнителни коментари од истражителите.
ФБИ првпат разговарал со жената во јули 2019 година, кратко по повторното апсење на Епстин и околу еден месец пред неговата смрт во затворска ќелија во Њујорк.
Според документите, жената изјавила дека првпат се сретнала со педофилот во Јужна Каролина во осумдесеттите години и дека ја злоупотребувал кога имала 13 години. Во тој разговор таа не го спомнала Трамп.
Во еден од новообјавените меморандуми таа тврди дека Епстин ја однел во Њујорк или Њу Џерси додека сè уште била малолетна, во висока зграда каде што, според нејзиното сведочење, го запознала Трамп.
Според нејзините наводи, Трамп побарал сите други присутни да ја напуштат просторијата и рекол нешто во смисла: „Ајде да ти покажам како треба да се однесуваат малите девојчиња.“
Жената тврди дека потоа ја притиснал нејзината глава кон своите гениталии, очекувајќи орален сексуален однос. Таа вели дека го гризнала, по што тој наводно ја удрил и рекол: „Веднаш изнесете ја оваа мала кучка одовде.“
Таа исто така тврди дека слушнала разговор меѓу Трамп и Епстин за уценување и перење пари.
Во друго интервју, жената изјавила дека подоцна добивала заканувачки телефонски повици и дека во неколку наврати автомобили за малку ќе ја оттурнеле од патот, за што таа верува дека било организирано од Епстин или Трамп.
Во разговор во октомври истата година таа изразила сомнеж дека има смисла да ги изнесе обвинувањата, бидејќи рокот за кривично гонење за настаните што ги опишува најверојатно одамна истекол.
Случајот и натаму има политички последици. Некои американски конгресмени, меѓу кои Александрија Окасио-Кортез и Томас Меси, го обвинија Трамп дека воздушните напади врз Иран ги почнал за да го одвлече вниманието од скандалот.
Во меѓувреме, Комитетот за надзор на Претставничкиот дом, предводен од републиканците, продолжува со истрагата. Комитетот минатата недела сослуша шест часа сведочење зад затворени врати од Хилари Клинтон и Бил Клинтон.
Комитетот најави дека министерот за трговија Хауард Лутник доброволно ќе сведочи, додека јавната обвинителка Пам Бонди е повикана со судска покана да објасни како биле објавени досиејата и како се носеле одлуките поврзани со нив.






