петок, 5 декември 2025

Нова стратегија на САД: Европа е на пат да исчезне, ја поткопува демократијата

Политичкиот документ ги критикува традиционалните сојузници, додека не ја чепка Русија, вели Фајненшл тајмс.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Нова американска стратегија за национална безбедност повикува на „негување отпор“ во Европа, предупредувајќи дека континентот ја поткопува демократијата, го блокира мирот во Украина и се соочува со „цивилизациско исчезнување“ поради високата миграција и опаѓањето на наталитетот, објави Фајненшл тајмс.

Во документот се обвинуваат европските официјални лица дека ги спречуваат американските напори да ја завршат војната во Украина, обвинувајќи ги владите дека го игнорираат, како што тврди, „големото европско мнозинство“ што сака мир.

„Брзото запирање на непријателствата“ е од суштинско значење „за стабилизирање на европските економии, спречување ненамерна ескалација или проширување на војната и повторно воспоставување стратегиска стабилност со Русија“, стои во документот, кој беше објавен денеска.

Неговото објавување доаѓа во момент кога американскиот претседател Доналд Трамп повторно се обидува да ѝ стави крај на војната во Украина. Тој напор предизвика стравувања во европските главни градови дека Вашингтон е подготвен да го принуди Киев да направи отстапки во врска со неколку негови долгогодишни „црвени линии“.

Документот од 33 страници ја нагласува радикалната преориентација на американската надворешна политика под водство на Трамп, издигнувајќи ја американската доминација над западната хемисфера — во ажурирана верзија на Монровата доктрина — како нејзина примарна цел.

„Деновите кога Соединетите Држави го држеа на плеќи целиот светски поредок како Атлас се завршени“, се вели во документот.

Тој, исто така, го истакнува идеолошкиот јаз што се отвори меѓу Вашингтон и неговите традиционални сојузници, прикажувајќи го европскиот континент како место каде што „економскиот пад е засенет од вистинската и уште поостра перспектива на цивилизациско исчезнување“.

Како директен предизвик до ЕУ, се наведува дека Америка треба да „го негува отпорот кон сегашната европска траекторија во рамките на европските нации“. Исто така, се пофалува растечкото политичко влијание на евроскептичните крајнодесничарски партии, чие доаѓање на власт во европските главни градови би можело да ја загрози иднината на Унијата.

„Американската дипломатија треба да продолжи да се залага за вистинска демократија, слобода на изразување и нескриени славења на индивидуалниот карактер и историја на европските нации“, се вели во документот.

„Америка ги охрабрува своите политички сојузници во Европа да ја промовираат оваа преродба на духот, а растечкото влијание на патриотските европски партии навистина дава причина за голем оптимизам.“

Во стратегијата силно одекнува говорот што американскиот потпретседател Џеј Ди Венс го одржа на Минхенската безбедносна конференција во февруари, кој ги шокираше европските сојузници со својот конфликтен тон и со тврдењето дека Европа се соочува со поголема закана од нејзините сопствени демократски слабости отколку од руската агресија, вели ФТ.

Според долгиот документ, кој ги опфаќа и односите на САД со Азија и Блискиот Исток, администрацијата ќе спроведува политика на „префрлање на товарот“, со намера Европа „да застане на свои нозе и да функционира како група усогласени суверени нации“.

Тој, исто така, повикува на „приспособување“ на военото присуство на земјата за да се одговара на итните закани во „нашата хемисфера“ и подалеку од региони „чие релативно значење за американската национална безбедност е намалено во последните децении или години“.

Стратегијата главно ја прикажува Кина како економски предизвик, наведувајќи дека Вашингтон ќе го „ребалансира економскиот однос со Кина, давајќи им приоритет на реципроцитетот и правичноста за да ја обнови американската економска независност“.

Но се додава дека „ова мора да биде проследено со силен и постојан фокус на одвраќање за да се спречи војна во Индо-Пацификот“.

САД ќе ја „зацврстат и зајакнат нашата воена присутност во западен Пацифик“, се наведува, но се повикуваат сојузниците во Индо-Пацификот да трошат повеќе на одбраната и да ја модернизираат својата војска, со тврдење дека Америка не треба да го носи целиот товар на обезбедувањето мир и слобода на пловидбата.

Денешното објавување на стратегискиот документ следната година ќе биде проследено со ревизија на американската одбранбена поставеност, со која американските воени капацитети ќе се прераспределат за да одговараат на новите приоритети во надворешната политика.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ