Годинава повеќе од 3.000 новинари се акредитирани за „Двете сесии“. 2.000 се новинари од Кина, Хонг Конг, Макао и Тајван, а повеќе од 1.000 се претставници на странски медиуми, меѓу кои е поканета и редакцијата на МКД.мк.
На овие состаноци ќе се дефинира владината политика и главните насоки за социоекономскиот развој на земјата за наредните пет години.
За наредната „петолетка“ главниот фокус е ставен на заштита на животната средина, на зелените промени, зелената економија, економскиот раст и иновациите во технологијата.
„Социјалистичката модернизација може да се оствари само преку историски процес на постепен и континуиран развој. Таа модернизација бара тешка работа на една генерација по друга. Сè повеќе и повеќе гледаме како на виделина излегуваат предностите на социјализмот со кинески карактеристики, на огромниот пазар на Кина, неговиот целосен индустриски систем и неговите богати човечки ресурси“, беше речено на денешната конференција за медиумите.
„Мораме да останеме посветени на марксизмот-ленинизмот, мислата на Мао Це Тунг, на теоријата на Денг Сјаопинг, теоријата на Трите претставувања и научната концепција за развој, и целосно да ја имплементираме мислата на Си Џинпинг за социјализам со кинески карактеристики за нова ера“, пишува во предлогот за „петолетката“.
Собранието на народните претставници (НПК) е највисок орган на државната власт и највисоко законодавно тело на Кина. НПК донесува закони, одлучува за важни прашања, ја надгледува работата на Државниот совет, Врховниот народен суд и на Врховното народно обвинителство.
Бројот на пратениците во НПК е 2.977, од кои една четвртина се жени. Секоја етничка група и 8 политички партии имаат барем по еден пратеник. Пратениците не се професионални политичари, не добиваат плата од ННК.
Народната политичка консултативна конференција (НПКК) е највисокото политичко советодавно тело на Кина, нешто налик на Социјалистичкиот сојуз во поранешна Југославија. Во оваа конференција членуваат повеќе од 2.000 претставници на други политички партии и на луѓе од сите сфери на животот.
Утре најпрво почнува сесијата на НПКК на која ќе се даваат предлози за стратегијата за наредните 5 години. Овие две тела, НПК и НПКК, се нешто налик на Горен и Долен дом на Кина.
На сесијата на НПК ќе се разгледува и извештајот за работата на Владата, на Постојаниот комитет на НПК, на Врховниот народен суд и на Врховното народно обвинителство.
Дискусиите и заклучоците на овие две сесии даваат битни информации за меѓународната заедница за развојот на Кина. Тука се опфаќаат широк спектар на теми што се однесуваат на внатрешните работи и на надворешната политика на Кина.
Фокусот на петолетката од 2026 до 2030 е на иновациите и технолошкиот развој, зајакнување на внатрешната економска ситуација и промовирање квалитетен развој, напредок со зелена трансформација и еколошки одржлив раст, поддршка на руралниот просперитет и намалување на разликите меѓу регионите, развивање на „нови квалитетни производствени сили“ (како што се вештачка интелигенција, зелена енергија и напредни производствени технологии), зајакнување на социјалната сигурност и јавните услуги, вклучувајќи здравствена заштита, образование и системи за пензиско осигурување и надворешна политика и глобална соработка – промовирање на иницијативата „Еден појас, еден пат“ и учество во глобалното управување и климатските акции.
Александар Дамовски,
Пекинг






