недела, 7 декември 2025

Нова драма за Фон дер Лаен, почнува расправа за уште два предлози за изгласување недоверба

По втор пат за помалку од три месеци шефицата на Европската комисија Урсула фон дер Лаен се враќа во Европскиот парламент за да се брани од предлогот за изгласување недоверба, поднесен од пратеници од опозицијата кои ја обвинуваат ја за низа проблеми, од недостиг на транспарентност до неуспехот на трансатлантскиот трговски договор.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Постапката почна денес во Европскиот парламент а за двата предлога за гласање недоверба, на Патриоти за Европа и Левица, ќе се гласа во четврток.

Фон дер Лаен денес имаше можност да одговори на критиките и се очекуваше да донесе цела група комесари како поддршка, пишува бриселскиот портал Политико.

Не се очекува гласањето за недоверба да успее бидејќи германската политичарка ја поддржуваат групите од нејзината коалиција – Европската народна партија (ЕПП), Социјалдемократите (СиД) и Обнови ја Европа, плус Зелените.

Иако шансите за гласање за недоверба се мали, предлозите покажуваат дека претседателката на Комисијата се бори со зголемено противење, не само од крајната десница и левицата, туку и од членовите на нејзината центристичка коалиција.

Политико пишува дека нема сомнение дека фон дер Лаен е многу поискусна политичарка отколку што беше на почетокот на нејзиниот прв мандат на чело на Комисијата во 2019 година. Всушност, дури и за време на првото гласање за недоверба во јули, таа покажа дека може да се соочи со критичарите, да одговори на обвинувања и да „возврати удар“, пишува Политико.

Сепак, проблемот со кој се соочува е што предлозите за недоверба стануваат речиси рутински, бидејќи европратениците сфатија дека е лесно да се соберат 72 од 720 гласови и дека критиките кон Фон дер Лаен повеќе не доаѓаат само од маргинални политичари кои имаат мали шанси да ѝ нанесат вистинска политичка штета.

Се очекува критиките кон Фон дер Лаен да бидат погласни, а двата нови предлози за недоверба, иако не се поддржани од партиите од центарот, да постават темели за спорови меѓу коалициските партнери на шефицата на Комисијата околу некои клучни теми.

Дека доаѓаат проблеми укажува и тоа што двете најголеми политички групи во Парламентот, ЕПП и СиД, навестија дека се подготвени да го „урнат“ предложениот долгорочен буџет на ЕУ.

„Претстојат уште многу гласања кои ќе го тестираат нејзиното лидерство“, изјави еден европратеник од ЕПП за Политико со услов да остане анонимен.

Истовремено поранешниот потпретседател на Комисијата Тјери Бретон изјави за бриселскиот портал дека ЕУ има значително ослабена Комисија. „Ова е прв пат по долго време Комисијата да се соочи со толку многу гласања за недоверба. Не можете да кажете дека е само баксуз“, кажа Бретон.

Тој истакна дека „зголемената слабост“ на Европската комисија „отвора простор за екстремистите“ да ја искористат.

„Се наоѓаме во тежок, егзистенцијален момент кога сите сили околу нас се непријателски настроени кон европскиот проект, без разлика дали станува збор за Владимир Путин на Истокот или, жал ми е што морам да кажам, за САД“, смета поранешниот еврокомесар.

Тој го истакна како особено загрижувачко тоа што Комисијата нема целосна поддршка од партијата на својата претседателка „која треба да биде нејзин главен поддржувач“, за повеќегодишниот буџет на ЕУ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ