среда, 18 март 2026

Нова апликација во Грција спречува продажба на алкохол и цигари на малолетници

Грција воведе нов систем за дигитална верификација на возраста за да се спречи продажбата на тутунски производи и алкохол на малолетници. Станува збор за апликација која е дел од пошироките владини напори за спроведување на законот донесен минатото лето, а целта е да се затвори долгогодишната законска дупка која им дозволуваше на продавачите да се повикаат за незнаење кога ќе бидат фатени во прекршок, пишува Јуроњуз.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Системот, кој го претстави министерот за здравство Адонис Георгиадес заедно со министрите за заштита на граѓаните и дигитално управување, е дизајниран да ја прекине практиката каде што продавачите можеа да тврдат дека не ја знаат возраста на купувачот.

„Она што го лансираме денес го елиминира тој изговор“, кажа Георгиадес на промоцијата. „Контролата станува полесна, нашиот однос појасен, а изрекувањето казни поедноставно“.

Грчките власти истакнуваат дека ова е прва таква имплементација во Европа. Министерот за дигитално управување Димитрис Папастергиу изјави дека методот за верификација на возраста го одразува техничкиот пристап кој веќе го усвои Европската Унија за верификација на онлајн платформи и социјални мрежи. Тоа го прави ова прва вистинска примена на таков систем на континентот и се имплементира преку постојната грчка инфраструктура за дигитален паричник.

Откако законот стапи на сила на 7 јули 2025 година, властите извршиле околу 82.000 проверки, што е веќе повеќе од половина од вкупно 133.000 проверки спроведени во текот на 2024 година.

Полицијата евидентирала 313 апсења, од кои 67 проценти се однесуваат на прекршоци поврзани со продажба на алкохол. Изречени се 150 административни казни, претежно поради алкохол, а поднесени се 121 пријава според новиот механизам кој налага задолжително пријавување на приватни настани на кои присуствуваат малолетници.

Министерот за заштита на граѓаните кажа дека законската рамка бара од продавачите и да ја потврдат возраста на клиентите и дека приватните настани на кои присуствуваат малолетници мора да се пријават на властите. Овие мерки се дизајнирани да им дадат пошироки алатки на полицијата и другите надлежни органи.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ